Илустрација / Фото: Влада

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило две кривични дела – Примање поткуп од член 357 став 1 од Кривичниот законик.

-Како службено лице – помлад пазарен инспектор, осомничениот струмичанец во два наврати директно побарал и примил парични средства од лица од Радовиш за да не изврши службени дејствија што морал да ги изврши – информираат од обвинителството.

Во првиот случај, при инспекциски надзор на 13 јуни, констатирал дека правен субјект нема регистрирано занаетчиска дејност, но за да не го констатира прекршокот од сопственикот побарал и примил 100 евра.

На 17 ноември, во деловен простор затекнал две лица кои вршеле берберска дејност без да бидат запишани во занаетчискиот регистар и од нив исто така побарал 100 евра за да не го констатира прекршокот на записник. Бидејќи тие во моментот немале толку пари кај себе, тој уште 2 пати се вратил во дуќанот и од нив примил по 3.000 денари.

По предлог на јавниот обвинител, судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струмица определи мерка притвор во траење од 30 дена за осомничениот.