Дмитро Кулеба/Фото: Влада на Украина

Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, денеска ги повика членките на НАТО да и обезбедат на неговата земја повеќе системи „Патриот“.

– Не сакам да го расипам празникот, но денеска сум тука додека Украина трпи невидени ракетни и беспилотни напади од Русија. Ноќеска Харков беше погоден од илјадници беспилотни летала – истакна тој.

Кулеба е во посета на седиштето НАТО по повод 75-годишнината од основањето на Алијансата.

– Русија постојано ја уништува украинската економија и градови, ова е дел од стратегијата за бришење на Украина од светската мапа. Мојата главна порака денеска е за потребата од комплекси „Патриот“, за да спасат животи во Украина и да се заштитат украинските градови, сојузниците имаат доволно такви системи. Само во март Украина беше погодена со 94 балистички ракети – додаде Кулеба.

Украина ќе се приклучи на Алијансата и тоа е јасно кажано од сојузниците, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. Тој додаде дека денеска претстои состанок на Советот НАТО-Украина и ќе се разговара за можностите за напредок кон членството на Украина во Алијансата.

– Поддршката за Украина не е добротворна дејност, туку таа е поврзана со нашата сопствена безбедност. Разговараме како поддршката да биде трајна, одржлива и предвидлива. Оддавам почит на храброста и решителноста на Украинците и на украинските вооружени сили – додаде Столтенберг.


Односите на Русија со НАТО се на нула, но Москва не бара отворен конфликт

Односите меѓу Русија и НАТО се влошуваат, но Москва нема намера да влезе во конфликт со земја од НАТО, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко во денеска објавено интервју за руската агенција РИА новости, пренесе Хина.

Во својот коментар по повод 75-годишнината на НАТО, Грушко изјави дека односите се влошуваат „предвидливо и намерно“, а сите канали на дијалог меѓу Москва и Алијансата, Вашингтон и Брисел, достигнаа ниво на „критична нула“.

– Дали воениот блок е подготвен за отворен конфликт со Русија? Треба да ги прашате самите членки на НАТО. Во секој случај, немаме такви намери во однос на земјите членки на Алијансата – рече Грушко.

Претседателот Владимир Путин на 24 февруари 2022 година ја почна својата „специјална воена операција“ во Украина, со наведена цел „да го спречи ширењето на влијанието на НАТО во близина на Русија“. Но, војната послужи за зајакнување на Алијансата, која се прошири на 32 членки со приемот на Финска и Шведска.

НАТО соопшти дека ѝ помага на Украина да се бори за својот опстанок и дека го снабдува Киев со напредно оружје, обука и разузнавање.

Русија вели дека ова го прави НАТО де факто страна во конфликтот. Путин во февруари кажа дека директен конфликт меѓу Русија и НАТО ќе значи дека планетата е на чекор од Третата светска војна.