Катедрата за македонска книжевност и култура, со годинашното издание на манифестацијата „Денови на македонската литература“ ја продолжува традицијата. Оваа година, манифестацијата добива и меѓународен карактер и има поразличен концепт, со поголема фокусираност на книжевната наука и со продлабочување на соработката со познавачите на македонската литература од странските универзитети. Годинашното издание е отворено со предавање на темата „Српскиот и македонскиот книжевен романтизам“ на Виолета Пирузе-Тасевска, која е дел од историјата на Филолошкиот факултет при УКИМ.
Во 1984 година таа ја има одбрането својата магистерска тема „Митови и митолошки елементи за македонските народни приказни“, а во 1991 година и докторската теза „Тематски и идејно-естетски приближувања и спротивности на романтизмот за српската и македонската литература“. Сиот работен век го минала на оваа катедра, како професорка по нова српска литература и по други предмети, а била и раководителка на катедрата. Учествувала на многу еминентни научни собири, а многубројни стручни и научни трудови објавува во земјава и во странство и е авторка на значајни монографски публикации.
Во рамките на „Деновите на литературата“ се одржа и студентска вечер на македонската книжевност и култура „Непрочитано писмо“ – настан насловен според песна од Анте Поповски, еден од великаните на македонската книжевност, чии дела се опфатени со програмата на манифестацијата. Преку подготовката на овој настан, студенти од повеќе генерации го обединија својот креативен потенцијал и подготвија програма со која преку рецитал, драматизација, музички точки и видеопроекции се претстави дел од развојот на македонската книжевност и култура. Вториот ден од манифестацијата е посветен на професори што предаваат македонска книжевност на странски универзитети. С.Ј.