Обвинувањата на американските власти за мешање на Москва во претседателските избори во САД се бесмислени – изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
– Ова не е првпат Русија да биде обвинета за мешање во американските избори, се разбира, ние не се мешаме – рече Песков во одговор на „Вашингтон пост“.
Коментирајќи ги американските ограничувања за руските медиуми претходно оваа недела, Песков рече дека „на Американците не им се допаѓа вистината“.
Рускиот претседател Владимир Путин треба да престане да зборува за претстојните претседателски избори во САД, изјави вчера портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби.
– Путин треба да престане да зборува за нашите избори. Тој не треба да фаворизира никого на кој било начин – рече Кирби.
Путин претходно изјави дека Русија ќе ја поддржи демократската кандидатка Камала Харис на претседателски избори што треба да се одржат во ноември во САД.
Говорејќи на пленарната сесија на Источниот економски форум во Владивосток, Путин истакна дека Камала Харис има „заразна насмевка“, наведувајќи го ова како причина за руската поддршка за неа, а не за нејзиниот републикански противник Доналд Трамп – јави рускиот весник „Известија“.