Фото: Принтскрин

Руското повлекување од Херсон, претставено како потег за зачувување на ресурси што би можеле да бидат искористени на други фронтови, се смета за значителен удар врз специјалната воена операција на Москва од страна на западните аналитичари. Тоа уследи неколку недели по анексијата на регионот Херсон, при што околу 10 илјади квадратни километри на територија се вратија под украинска контрола, пренесуваат светските медиуми.

Преместувањето на руските сили на источниот брег на реката Днепар, пак, ќе го олесни снабдувањето на трупите, како и зацврстувањето на одбранбените позиции. Од друга страна, се смета дека украинскиот пробив ќе ја поттикне меѓународната поддршка, иако американските власти го убедуваат украинскиот претседател Володимир Зеленски да ја ублажи реториката за преговорите, ако веќе не го прави тоа во однос на неговите барања.

Но, клучната рута за снабдување на Херсонската Област во Украина може да претставува стратешка воена прилика на фронтот по повлекувањето на руските трупи источно од реката Днепар во Украина, пишува „Њузвик“.

Ваквата ситуација на Украина ѝ дава можност да го засили воениот притисок врз копнениот мост и руските логистички канали и складишта за муниција, според „Фајненшл тајмс“.

Украина би можела да го искористи оружјето снабдено од Западот како што се ракетните системи „ХИМАРС“ да ги цели рутите за снабдување.

Советникот во украинското министерство за одбрана Сергеј Кузан во изјава за „Фајненшл тајмс“ истакна дека западниот брег на реката Днепар во Херсонската Област е стратешки важен од воена гледна точка бидејќи овозможува оружена контрола на патиштата од Крим користени за снабдување од страна на Русите.

Политичкиот аналитичар Џордан Коен смета дека кримските рути за снабдување ќе станат уште поранливи ако Украина дополнително ги потисне Русите кон исток, што признава дека нема да биде лесно, бидејќи смета оти руските сили се позиционираат подефанзивно.

– Мислам дека понатамошното напредување на украинските системи „ХИМАРС“ нема да има значителен ефект, со оглед на руското позиционирање, освен ако Украина не продолжи да се пробива на исток. Источниот брег е полесен за одбрана од страна на Русија, бидејќи Украинците би морале да преминат преку водата, под противнички оган – објаснува Коен.

Пентагон завчера соопшти дополнителна воена помош за Украина во вредност од 400 милиони долари, која опфаќа ракети „стингер“, ракети „Хок“ и амуниција за „ХИМАРС“, како и возила и друга муниција. Од доаѓањето на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, САД се обврзаа за испраќање на вкупна воена помош на Украина во вредност преку 19,3 милијарди долари.

Русија уште држи 60 отсто од регионот Херсон под своја контрола, јужно и источно од реката Днепар, вклучувајќи го и брегот долж Азовското Море. Згора, има оружје на располагање, како и десетици илјади новомобилизирани трупи за испраќање во војната, а нејзината кампања врз украинската инфраструктура го загрози снабдувањето со струја и вода во повеќе украински региони, заклучува „Си-ен-ен“.

Се очекува војната да влезе во ќорсокак со отежнувањето на условите во текот на претстојната зима.