Србија

Во координирана акција на српските безбедносни служби, вчераутро, во Белград, е уапсена група од 17 лица, при што се претресени 50 локации, а одземено е поголемо количество оружје, шифрирани телефони, луксузни автомобили… Акцијата за апсење ја водел министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ, а во заедничката акција биле вклучени повеќе служби на Министерството за внатрешни работи, Безбедносно-информативната агенција и Жандармеријата, а по налог на Обвинителството за организиран криминал во соработка со Еуропол.
Уапсените се членови на криминалната група „Врачарци“, која се поврзува со злогласниот криминален кавачки клан од Црна Гора, пренесуваат белградските медиуми. Тие се товарат за три убиства и пет тешки убиства во обид. Според она што е досега познато од истрагата, групата „Врачарци“ ја предводат Никола Вушовиќ, попознат како Џони од Врачар, Урош Пиперски и Марио Ѓорѓевиќ.
Се огласи и Обвинителството, кое меѓу другото потенцира дека „организираната криминална група, т.н. ’Врачарци’, дејствувала по наредба на друга организирана криминална група, ’Кавачи’, во Србија и во странство. Во претходниот период неколку члена на оваа ОКГ биле уапсени во странство, а била финансирана од ОКГ ’Кавачи’ и била наменета за извршување на најтешките кривични дела во Република Србија, меѓу другото и за напад на највисоките државни функционери на Република Србија“.
Никола Вушовиќ, водачот на криминалната група, ѝ е стар познаник на полицијата, а страниците на црната хроника почна да ги полни во 2010 година, кога беше уапсен заедно со лидерот на навивачите на Партизан, Александар Станковиќ, познат како Сале Мутави, поради трговија со дрога и поседување оружје, а беа осомничени и за учество во обиди за убиство.
Во подоцнежните години, тимот на Вушовиќ потпаднал под капата на кавачкиот клан, на чие чело е Радоје Звицер од Котор, Црна Гора. Полициските извештаи го спомнуваат Вушовиќ во врска со убиствата во Атина на високопозиционираните ликови во противничкиот криминален клан, „шкаљарскиот“ – Игор Дедовиќ и Стеван Стаматовиќ.

Претходно, Срѓан Лалиќ, сведок обвинет во постапката против криминалната група чиј водач беше Вељко Беливук, во сведочењето директно го поврза Џони со убиството на Александар Шарац, кој беше ликвидиран во 2020 година, среде бел ден, во трговскиот центар „Ушче“ во Нов Белград.
Во мај 2022 година, медиумите објавија дека Џони планирал да го убие Веселин Милиќ, поранешниот шеф на белградската полиција и поранешен советник на претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Тогаш медиумите објавија дека планот за атентат на Милиќ бил откриен кога безбедносните служби ги пресретнале пораките што ги разменувале „кавчани“ на шифрираната апликација Скај.
Името на Џони се поврзуваше и со обидот за убиство на Јован Вукотиќ, шефот на шкаљарскиот клан, кој беше убиен во септември оваа година во Истанбул, Турција.

Имено, во обидот за убиство во декември 2019 година, во Белград беа уапсени луѓе блиски на Вушовиќ. Нивниот план бил да вметнат цијанид во храната на Вукотиќ, кој во тоа време бил во притвор во Централниот затвор во Белград. Но невенчаната сопруга на Вукотиќ се посомневала дека нешто не е во ред, сѐ им пријавила на стражарите и планот за труење на Вукотиќ бил спречен.
Според информациите на белградските медиуми, апсењето на 17-те лица претставува нов сериозен удар за криминалната група „Врачарци“, бидејќи дури 11 нејзини членови, меѓу кои е и водачот Вушовиќ, се наоѓаат во бегство во Доминиканската Република и во Шпанија. Најблиските соработници на водачот, Пиперски и Ѓорѓевиќ, се во затвор во Португалија, односно во Австрија.