Контроверзни интереси на глобалните сили: Од една страна прокси-војна, од друга страна непречена економска соработка
Со оглед на тоа што американската администрација има поставено цел да достигне 100 проценти енергија без јаглерод до 2035 година, нуклеарната енергија ќе продолжи да биде „горливо прашање“ и покрај тоа што е гориво со ниска содржина на јаглерод, главно затоа што конвенционалното нуклеарно гориво создава т.н. опасен отпад. Она што би ѝ дало голем поттик на нуклеарната енергија би бил значаен технолошки напредок ако се постигне замена на ураниумот со ториум во реакторите, но засега не е така. САД увезуваа околу 14 отсто ураниум и 28 отсто од сите услуги за збогатување – од Русија…
Подготвил: Mарјан Велевски
Американскиот претседател Џо Бајден во март 2022 година, непосредно по почетокот на војната во Украина, потпиша извршна наредба со која се забранува увоз на руска нафта, течен природен гас и на јаглен во САД.
Иако токму таа забрана (заедно со санкциите на ЕУ) беше прогласена за виновник за вртоглавото зголемување на цените на енергентите и енергијата во САД, голем дел од вината за таквата состојба лежеше кај американските рафинерии. Имено, според споменатата забрана, САД за своите рафинерии дозволуваше увоз од само 3 отсто од вкупниот американскиот увоз на сурова нафта. Така што и недостигот од сурова нафта, а и повисоката цена од други доставувачи за САД доведоа до тоа т.н. „вртоглаво зголемување на цените на енергентите и енергијата во САД“.
Надвор од листата на забрани остана ураниумот
Но оние што најгласно ги поддржуваа забраната за увоз и санкциите побрзаа да истакнат дека еден значаен производ останал надвор од таа листа – ураниумот!
Долго време, САД во голема мера се потпираа на рускиот ураниум. Тие увезуваа околу 14 отсто ураниум и 28 отсто од сите услуги за збогатување од Русија во 2021 година. За споредба, бројките за Европската Унија беа 20 отсто и 26 отсто за увоз и услуги за збогатување. Официјалните бројки укажуваат дека американските компании секоја година ѝ исплаќаат повеќе од една милијарда долари на руската државна нуклеарна агенција „Росатом“ и увезле уште 411,5 милиони долари збогатен ураниум само во првиот квартал од 2023 година.
Западните влади избегнаа санкционирање на „Росатом“ од овие очигледни причини. Но нивната преголема зависност од руски ураниум е директна последица на огромен ризик. Имено, бидејќи повеќето комунални претпријатија чуваат само околу 18 месеци резерва на гориво, тоа значи дека нивните нуклеарни сектори ќе се соочат со колапс ако Русија одеднаш одлучи да престане да работи со нив.
– Ние ги сносиме трошоците за преголемото потпирање на Русија за нуклеарно гориво. И не сме само ние, туку целиот свет – се жали Пранај Вади, нуклеарен советник во Белата куќа во Советот за национална безбедност.
САД очекуваат многу од развивањето на плановите за „домашно збогатување ураниум“
САД очекуваат многу од плановите за проширување во домашната фабрика за збогатување ураниум што испорачуваше гориво за првите американски атомски бомби наречени „Проект Менхетен“. Се верува дека таа може да ѝ помогне на земјата да ја реши својата нуклеарна загатка.
Фабриката „Уренко“ во Јунис, Ново Мексико, вредна пет милијарди долари, е дом на стотици масивни центрифуги што се вртат со суперсонична брзина за да ги одвојат изотопите на ураниум потребни за производство на гориво за нуклеарните централи. „Уренко“, кој обезбедува околу една третина од побарувачката на САД за збогатен ураниум, моментално е во процес на зголемување на производството за 15 отсто бидејќи се обидува да го реновира производството на нуклеарна енергија меѓу флотата на нуклеарни реактори на Западот.
Според Карен Фили, главен извршен директор на американската подружница на „Уренко“, планираното проширување на капацитетите во Ново Мексико ќе биде завршено во 2027 година, што во комбинација со засилувањето на матичната компанија во Европа би било доволно за покривање на уделот на „Росатом“ на американскиот пазар.
– Ние сме многу разумното решение што ќе придонесе за зголеменото производство на САД, пред сѐ од „Уренко“, што би било доволно за да се покрие каква било празнина во рускиот увоз – рече Карен Фили, главен извршен директор на американската подружница на „Уренко“.
Од друга страна, Русија за ваквите обиди на САД вели дека се бесполезни напори и дека нема да имаат успех, бидејќи не се развиваат во вистинската насока. Според истите официјални извори од Кремљ, и Европа, исто како и САД, се обидувала да изгради интегриран синџир на снабдување со збогатен ураниум со поединечни единици во оддалечени региони, но тие обиди останале безуспешни. Наспроти ова, западни извори тврдат дека Русија сега како да ја потценува решителноста на Америка и Европа да се одвојат од руската енергија и дека токму сега има голема веројатност САД да најдат алтернатива на ураниумот.
Алтернативи на ураниум: ториум!
Во една ваква ситуација, администрацијата на Бајден активно бара алтернативи за ураниумот. Со оглед на тоа што Бајденовата администрација има поставено цел да достигне 100 проценти енергија без јаглерод до 2035 година, нуклеарната енергија најверојатно ќе продолжи да биде „жежок компир“ и покрај тоа што е гориво со ниска содржина на јаглерод, главно затоа што конвенционалното нуклеарно гориво создава опасен отпад.
Сега ториумот се смета за „голема зелена надеж“ за производство на чиста енергија што произведува помалку отпад и повеќе енергија од ураниумот. Тој е отпорен на топење, нема нуспроизводи од типот на оружјето, па дури и може да ги троши наследените резерви на плутониум.
Министерството за енергија на Соединетите Американски Држави (ДОЕ), центарот за нуклеарно инженерство и наука во Тексас „Еј енд ем“ и Националната лабораторија во Ајдахо (ИНЛ) соработуваа со седиште во Чикаго, за да развијат ново нуклеарно гориво наречено АНЕЕЛ, базирано на ториумот што го имаат. АНЕЕЛ (Advanced Nuclear Energy for Enriched Life) е комерцијална комбинација на ториум и ХАЛЕУ (High Assay Low Enriched Uranium), која има намера да ги реши проблемите со високите трошоци и токсичниот отпад (ториумот мора да биде поврзан со барем мало количество фисилен материјал поради неговата неспособност природно да се расцепи сам).
Главната разлика помеѓу АНЕЕЛ и ураниумот што моментално се користи во американските реактори е нивото на збогатување ураниум. Наместо до 5 отсто збогатување ураниум-235, на новата генерација на реактори им треба гориво со збогатување до 20 проценти. Пред неколку години, CCTE започна да ги поставува постојните дизајни на реактори за да им овозможи да користат гориво АНЕЕЛ, за кое компанијата предвидуваше дека може да влезе во комерцијална употреба веќе во 2024 година. Во меѓувреме, пред две години, американската Нуклеарна регулаторна комисија (НРЦ) го одобри барањето на „Сентрус енерџи“ да направи ХАЛЕУ во неговиот капацитет за збогатување во Пикетон, Охајо, станувајќи единствената фабрика во земјата што го прави тоа. Сепак, за многумина ќе биде големо охрабрување доколку новото гориво се покаже како успешно.
Додека АНЕЕЛ најдобро функционира во реактори за тешка вода, може да се користи и во традиционалните реактори за врела вода и вода под притисок. Што е уште поважно, реакторите на АНЕЕЛ можат да се распоредат многу побрзо од реакторите со ураниум.
Друга клучна придобивка на АНЕЕЛ во однос на ураниумот е тоа што може да постигне многу повисока стапка на согорување на гориво од редот од 55.000 MWd/T (мегават-ден по тон гориво) во споредба со 7.000 MWd/T за природно гориво од ураниум што се користи во реактори за вода под притисок. Ова му овозможува на горивото да остане во реакторите многу подолго, што значи многу подолги интервали помеѓу исклучувањата за полнење гориво. На пример, индиската единица Каига-1 и канадската единица Дарлингтон ПХВР го држат светскиот рекорд за непрекинати операции со 962 дена и 963 дена.
Горивото базирано на ториум доаѓа и со други клучни придобивки. Една од најголемите е тоа што многу поголемото согорување на гориво го намалува отпадот од плутониум за повеќе од 80 отсто. Плутониумот има пократок полуживот од околу 24.000 години во споредба со полуживотот на ураниум-235 од нешто повеќе од 700 милиони години. Плутониумот е многу токсичен дури и во мали дози, што доведува до зрачење, рак и често до смрт. Понатаму, ториумот има пониска работна температура и повисока точка на топење од природниот ураниум, што го прави инхерентно побезбеден и поотпорен на топење на јадрото.
Својствата на обновливата енергија на ториумот се исто така доста импресивни.
Уште една придобивка: има повеќе од двапати ториум во Земјината кора од ураниум. Во Индија, ториумот е четири пати позастапен од ураниумот. Ториумот, исто така, може да се извлече од морската вода исто како ураниумот, што го прави речиси неисцрплив.
Уште во февруари, „Клин кор ториум енерџи“ со седиште во Чикаго и канадската комисија за нуклеарна безбедност (ЦНСЦ) ја започнаа фазата на планирање на предлиценцирачкиот преглед на АНЕЕЛ-ториумот и ХАЛЕУ на „Клин кор“, сигнализирајќи дека е постигнат напредок.