Кина се согласи да одржи разговори за контрола на нуклеарното оружје со Соединетите држави следната недела, први по администрацијата на Обама, објави „Волстрит џурнал“.
Разговорите треба да бидат насочени кон избегнување на опасна тристрана трка во вооружување меѓу САД, Кина и Русија, но не претставуваат почеток на официјални преговори за ограничување на нуклеарното оружје, пишува американскиот весник, а пренесе „Хина“.
Тимовите на американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг имаат начелен договор двајцата лидери да се сретнат во Сан Франциско во ноември, иако допрва треба да се договорат важни детали, објави висок претставник на администрацијата на Бајден.
Низата билатерални дипломатски ангажмани во последниве месеци, главно на барање на САД, се обидоа да ги спасат врските меѓу Пекинг и Вашингтон кои брзо се влошија откако САД соборија наводен кинески шпионски балон над Соединетите држави.