Како држава со исклучителни технолошки, економски, финансиски и воени можности, Јапонија верува дека може да се избори за позиција со која ќе ја задржи својата независност во одлучувањето во претстојната голема конфронтација, без притоа да ги наруши односите со своите традиционални сојузници, пред сè со САД

Анализа

Во ситуација кога светот повторно е втурнат во голем светски хибриден конфликт за доминација на големите сили над глобалното богатство, кој според своите карактеристики не е ништо друго освен нов глобален судир со постепена временска и просторна ескалација, Јапонија е на пат да стане трета воена сила во светот. Сите земји што имаат дипломатски, економски, финансиски и воени можности во моментите кога судирот меѓу суперсилите прераснува во нова глобална војна се обидуваат да создадат за себе најдобра можна ситуација пред војната што се приближува. Ова го проценува реномираниот аналитичар Марио Стефанов, кој пишува за „Геополитика њуз“.
Како држава со исклучителни технолошки, економски, финансиски и воени можности, Јапонија верува дека може да се избори за позиција со која ќе ја задржи својата независност во одлучувањето во претстојната голема конфронтација, без притоа да ги наруши односите со своите традиционални сојузници, пред сè со САД. Некогашната геополитичка доктрина на оваа земја, која може да се опише како „трговски односи со сите, а воено потпирање на САД“, во новиве околности веќе не е адекватна. Токио смета дека треба да развие сопствена воена моќ и да престане да се потпира единствено на американскиот воден чадор и да ги задржи истовремено сојузничките релации со САД, кои од една страна им помагаат на САД и на сојузничките опции во Индопацификот, ги зајакнуваат врските со Вашингтон, но притоа се зацврстува и позицијата на Јапонија во сојузничките односи, а на јапонската надворешна политика ѝ се остава повеќе маневарски простор.

Потсетување на доктрината на Јошида

Следејќи ја ваквата политичка ориентација, Јапонија ги зголемува трошоците за одбрана од 53,1 милијарди долари предвидени за идната година, на 70,4 милијарди долари во 2027 година, што претставува вкупна годишна стапка на раст од 7,3 отсто. Доколку Токио ги исполни своите буџетски цели за следните пет години, јапонските вооружени сили од петтата или седмата позиција на листата на најмоќни светски армии ќе „скокнат“ на третата, веднаш по САД и Кина.
По крајот на Студената војна, Јапонија ја задржа паралелната економска соработка со Кина и со САД, но продолжи да ја користи т.н. доктрина на Јошида – доктрина формулирана по Втората светска војна – потпирајќи се воено на американската моќ и ограничувајќи ги своите воени трошоци на 1 отсто од националниот БДП. Но јапонските креатори на политики веќе не ја перципираат оваа доктрина за глобална економска дипломатија и воена зависност од САД како одржлива стратегија за одговор на одбранбените и безбедносни предизвици, со кои денес се соочува Јапонија во оваа почетна фаза на новиот глобален конфликт.
Впрочем, ни геополитичката доктрина на јапонскиот премиер (од 1948 до 1954) Шигеру Јошида не предвидуваше дека Јапонија ќе биде трајно демилитаризирана сила што е воено зависна од САД. Станува збор само за тоа што во првите повоени години таа му даде приоритет на економскиот развој, сметајќи дека воената моќ ќе може да биде создадена подоцна. Со текот на времето ќе избледат сеќавањата на последиците од јапонскиот милитаризам и неговата улога во империјалната воена експанзија на Јапонија, а напредната економија ќе обезбеди развој на вооружените сили и воената моќ во целина. За разлика од државите изгубени во времето и просторот, кои постојано ги менуваат своите доктрини и стратегии во зависност од тоа кој е на власт и под чие надворешно влијание се наоѓаат, откако заврши американската формална окупација, Јапонија точно знаеше што прави и во која насока се движи. Сите планови и сите чекори што оваа земја ги прави од завршувањето на американската окупација до денес, секако се целосно конзистентни и прецизно измерени.

Секој ден, во секој поглед сѐ понапред

Во првата декада од 21 век стана јасно дека Јапонија е подготвена за зајакнување на својата воена моќ и истовремено за зацврстување на американско-јапонската воена соработка. Од 2015 година наваму, главната стратегија на Токио се фокусира на изградбата на јапонската воена моќ. Отворениот светски судир за доминација на суперсилите ја забрзува реализацијата на јапонските планови, чија цел е да се обезбеди положбата на Јапонија во новите услови и да се изградат нови односи со клучниот сојузник САД, од кои Токио веќе нема да бара воена заштита, туку рака под рака со Американците активно ќе учествува во воените дејства на просторите на Индопацификот.
Според анализата на професорот по јапонски студии и меѓународна политика на Универзитетот во Ворвик, д-р Кристофер Хјуз, Јапонија реагира на опасното надворешно безбедносно опкружување со тоа што станува „интегриран американски сојузник на Пацификот и во Азија – и што е најважно – воено е сè поспособна и посигурна“.
Истовремено, Јапонија ги модернизира и бројно ги зајакнува своите копнени и воздушни сили, како и воената морнарица. Така, само во секторот воздухопловство, во 2013 година Јапонија почна да воведува авиони за следење на поморските комуникации со долг дострел „кавасаки П-1“, од кои 33 веќе оперираат, а нарачани се уште 60, кои треба да ги заменат американските авиони „локхид П-3 орион“. Исто така, во 2013 година Јапонија потпиша купопродажен договор со „Локхид Мартин“ за 42 борбени авиони „Ф-35Б“, а во 2019 година склучи уште еден договор за купување 105 борбени авиони од моделот „Ф-35А“ и 42 од моделот „Ф-35Б“. Јапонската влада потпиша договор и со компанијата „Мицубиши Хиви Индастрис“ за развој и производство на 100 примероци борбени авиони од шестата генерација, под развојната ознака „Ф-Х“.
На полето на развојот на воената морнарица, Јапонија развива способности за операции на океанските простори, претворајќи ги носачите на хеликоптери од класата „изумо“ во комплетно опремени носачи на авиони, кои можат да ги користат борбените авиони „Ф-35Б“.
Јапонската морнарица располага со над 40 фрегати и разорувачи, а продолжува и развојот на подморниците од класата „сорју“.

Воена моќ

Очигледно е дека Јапонија навлезе во активна фаза на прифаќање поголеми одбранбени одговорности, вклучувајќи – до одредена мера – и проекција на воена моќ во целиот Индопацифички Регион, која сепак на терен се реализира преку американско-јапонскиот сојуз и американскиот регионален безбедносен систем.
Во текот на последниве години, јакнејќи ја сопствената воена моќ, Токио истовремено изгради воено-партнерски односи и со други држави од овој регион (за што е заслужно зголемувањето на јапонската воена моќ и влијание), па на тој начин индиректно придонесе и за проширување на влијанието на заедничкиот американско-јапонски безбедносен систем. Највидлив резултат од ваквото надворешнополитичко дејствување на Јапонија со новоразвиена самосвест и во соработка со САД е формирањето на воениот и политички сојуз наречен КУАД, во кој членуваат САД, Јапонија, Индија и Австралија.
Развивајќи ја својата воена моќ, Јапонија наскоро ќе стане трета воена сила во светот, веднаш по САД и Кина, а тоа ќе ѝ овозможи поголема слобода во надворешнополитичкото дејствување, како и поголем маневарски простор за остварување на сопствените национални цели.

Автор: Марио Стефанов, „Геополитика њуз“