Создаден да ги пресретне ракетите со краток дострел лансирани од максимум
70 километри далечина, минофрлачи, артилериски гранати и дронови,
„Железната купола“ содржи радар, контролен центар и места за лансирање,
а чини 50 милиони долари

„Железната купола“, создадена да пресретнува и уништува ракети со краток дострел и артилериски гранати истрелани од далечина од четири до 70 километри, се користи интензивно по последниот напад на Хамас врз Израел.
Поминаа педесет години од војната во Јом Кипур, која започна со ненадеен напад врз Израел од страна на Египет и Сирија.
Сега, кога Израел повторно е нападнат, овој пат од Хамас, во утрото на 7 октомври, овој систем беше ставен во функција, но многу воени експерти го ставија на тапет и го критикуваа, бидејќи ефикасноста, според нив, „не беше на највисоко ниво“.


Активни воени конфликти низ светот
Воената чума се шири со пандемиски размери

Во светот во моментот има над триесет земји што се во војна или се изложени на различни видови конфликти што траат подолг временски период и кои резултираат со голем број жртви, а во најголем дел тоа е цивилното население. Според меѓународни агенции што изработуваат редовни безбедности карти за светот, покрај војните во Украина и во Израел, како најчести типови на конфликти се сметаат терористичките акции од екстремистички групи што се обидуваат со насилни средства да постигнат одредени политички цели. Во оваа група земји што се соочуваат со некаков облик на терористички активности се: Алжир, Буркина Фасо, Чад, Демократска Република Конго, Гана, Брегот на Слоновата Коска, Мавританија, Мозамбик, Нигер, Судан, Танзанија, Того, Тунис, Уганда и Јемен.
Во светот се присутни и граѓански војни, кои произлегуваат од различни фактори, политички, економски и социјални прашања. Во нив учествуваат различни фракции во земјата, кои се борат една против друга. Во оваа група земји се: Авганистан, Централноафриканската Република, Етиопија, Либија, Мали, Сомалија, Јужен Судан и Сирија.
Војните за дрога се уште една форма на конфликт што може да резултира со значително насилство и немири. Колумбија и Мексико се соочуваат со насилство и организиран криминал поврзан со шверцот и дистрибуцијата на дрога.
Етничкото насилство е форма на конфликт што произлегува од тензиите меѓу различните етнички групи во една земја. Јужен Судан доживува етничко насилство, што резултираше со значителни жртви и раселување.

Подготвиле: Митко Јовановски; Даниела Трајковска Здравеска