Русија

Русија, како и САД, разгледува различни сценарија во случај на ескалација поради Украина, но смета дека би требало да има помалку од 18, за кои зборуваше заменик-државната секретарка на САД, Викторија Нуланд, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Знаеме дека г-ѓа Нуланд има 18 сценарија. Разгледуваме различни сценарија, сметаме дека треба да има многу помалку, бидејќи кај нас формулацијата на прашањето е крајно коректна, нема потреба да се комплицира она што не е толку комплицирано. Прашањето е исклучително директно и многу конкретно формулирано – изјави Песков за новинарите.
Според него, Москва се надева дека оваа недела американската страна ќе успее да „формулира нешто во писмена форма“.
Претходно во интервју за „Фајненшл тајмс“, Нуланд изјави дека САД развиле 18 различни сценарија за дејствување во случај на ескалација околу Украина.
Русија постојано ги негираше обвинувањата на Западот и Украина за „агресивни дејства“, наведувајќи дека никому не му се заканува и нема намера некого да нападне, а изјавите за „руска агресија“ се користат како изговор за распоредување што повеќе воена опрема на НАТО во близина на руските граници. Руското министерство за надворешни работи претходно спомена дека изјавите на Западот за „руска агресија“ и можноста да му се помогне на Киев да се одбрани од неа се и смешни и опасни.