Фото: Фејсбук/Олаф Шолц

Германскиот канцелар Олаф Шолц кусогледо се насочи кон германските приоритети, наспроти оние на ЕУ, во справувањето со енергетската криза, што особено ја оптоварува и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, откако нејзините француски и италијански комесари изразуваат незадоволство за однесувањето на Берлин, пишува „Политико“.

Соочувајќи се со жесток притисок од индустријата и потрошувачките, како и од гласачите на локалните избори во Долна Саксонија што претстојат в недела, Шолц се определи за самостоен пристап што подразбира слевање на 200 милијарди евра во германската економија за да се ублажи ударот од зголемените цени на енергенсите.

Таквата голема парична инјекција предизвика незадоволство и протест од италијанските и француските комесари во ЕУ, Паоло Џентилони и Тјери Бретон, ставајќи ја Европската комисија во незавидна ситуација, во која се бара да се дистанцира од нејзините водечки претставници, од втората и третата најголема економија на европскиот блок.

Од комесарите не се бара да дејствуваат како претставници на нивните матични држави, но изразениот протест од Џентилони и Бретон се совпаѓа со аргументите на Рим и на Париз.

Француско-италијанската поплака против Германија вели дека Берлин ќе го поремети заедничкиот пазар на ЕУ, давајќи им нефер предност на германските државни компании над ривалите. Ваквото мислење добива поддршка од критичарите кои сметаат оти Берлин е „водечки архитект“ во енергетската криза, преку прогласување независност од рускиот монопол за извоз на гас што го држи „Газпром“.

Џентилони и Бретон завчера „фрлија граната“ против Шолц, со платена објава во низа весници преку која се повикува на солидарност и на заеднички европски пристап за решавање на енергетската криза, наведува „Политико“. На само неколку дена пред самитот на ЕУ во Прага, тие повикуваат на „заеднички механизми на европско ниво“, што сугерира практика слична на заеднички гарантираните заеми што беа искористени како помош во пандемијата.

Се смета дека тензиите ќе достигнат тензично ниво на денешниот состанок на колеџот на еврокомесари во рамки на кој претставниците на ЕУ се среќаваат двапати неделно.

Најбитното прашање е дали Париз и Рим ќе се мобилизираат поради заедничката цел и дали Фон дер Лејен може да го задржи под контрола незадоволството. Германскиот канцелар Олаф Шолц зборувајќи покрај холандскиот премиер Марк Руте, вчера ги бранеше неговите предлози, со тоа што ги окарактеризира како „балансиран, многу паметен и значително одлучен пакет“. Тој додаде и дека 200 милијарди евра не се однесуваат само на годинава, туку и на 2023 и 2024 година.

Се очекува поделените мислења околу германската стратегија да доминираат и на состанокот на европските лидери во Прага в петок. Шолц претходно ќе има прилика да го промовира неговиот план на шпанскиот премиер Педро Санчез на денешната средба во Шпанија.