Индиската јога и ајурведата се проширија низ светот како пат кон личен мир и општа благосостојба / Фото: ЕПА

Ретко кога терминот мека моќ се идентификува во толку полн капацитет како на примерот за Индија. Во една интересна анализа, угледната „Геополитика“ образложува дека „Индија е една од земјите што изобилуваат со потенцијал на мека моќ, од кои најзначајни се: меѓукултурниот дијалог, јогата, Боливуд, демократијата, индиската дијаспора, будизмот, индиската кујна…“
Имено, од 2014 година индискиот премиер Нарендра Моди свесно ја пласираше идејата за цивилизациска држава Индија на светската сцена и се обиде да ја зголеми меката моќ на Индија во рамките на нејзината надворешната политика. И успева во тоа. Индискиот премиер Нарендра Моди во една пригода изјави: „Индија не е само нација туку и идеја и култура“.

Индиската цивилизација – цивилизација на дијалог

Корените на индиската цивилизација се многу длабоки. Индиската цивилизација е една од најстарите, најголеми и најуспешни цивилизации и е единствена по тоа што, за разлика од другите, одржува непрекинат континуитет со своето славно минато. Цивилизацијата на Индија подразбира единствена и универзална култура, чие влијание се протега надвор од индиската историска територија и индиските етнолингвистички групи. Од цивилизацијата стара над 5.000 години, произлегуваат различни општествени, политички и духовни мисли што управуваат со секојдневниот живот во Индија и пошироко. Митолошките епови „Рамајана“ и „Махабхарата“ сочинуваат важен дел од културното наследство на Индија и на светот, затоа што можат да се споредат со „Илијада“ и „Одисеја“, но тие се многукратно подолги од нив.
Индија е земја со исклучително долга толерантна меѓурелигиска култура, затоа многу религии најдоа безбедно засолниште од прогон на индиската територија. Исходот од таквата верска толеранција е модерна Индија, која е дом на практично сите светски религии. Интересна карактеристика е тоа што религијата број еден за повеќето Индијци, хиндуизмот, нема централна власт, т.е. нема централна црква или темелен храм, па оттука хиндуизмот се разви во огромен број подгрупи, кои се движат од секти до семејство – ниво обожавање следбеници, поединечни богови. Главната причина е што хиндусите немаат една света книга и еден центар на религиозна моќ.

Единствен културен простор

Треба да се напомене дека од нејзините почетоци, идејата за Индија е идеја за уникатен простор од Хималаите до Индиски Океан, кој претставува единствен културен простор каде што, од памтивек, се барани подлабоката вистина, вистинското значење на животот и духовните вредности. Овие и таквите трагачи на сите можни религии и националности биле почитувани во Индија низ целата нејзина историја. Плурализмот од сите видови и бои е самата суштина на Индија и го сочинува нејзиниот составен, нераскинлив дел. Уште откако младиот хинду монах Свами Вивекананда настапи и воодушеви на Светскиот конгрес на религиите во Чикаго во 1893 година, овој ориентален духовен поглед на светот и филозофијата на животот е присутен на Запад. Неговото влијание станува сѐ посилно, бидејќи луѓето денес сѐ повеќе се свртуваат кон нематеријалните вредности што се наоѓаат во религиите и алтернативните форми на живот. Плурализмот и толеранцијата на Индија секако може да се видат во исхраната на населението, која варира од вегетаријанци, преку хиндуси и муслимани што имаат посебно мени, до класични сештојади. Сите тие живеат едни со други и ги прифаќаат овие разлики како нешто природно. Покрај хиндуизмот, будизмот е и оригинална индиска религија, бидејќи потекнува од индискиот потконтинент.

Демократија и толеранција

Индија е неверојатна и волшебна земја, на која ѝ се восхитува остатокот од светот, бидејќи Индијците успеваат да одржат демократски поредок што се состои од широк спектар на касти, религии, нации, јазици, класи, раси, бои, вери, обичаи, сиромаштија и богатство. Индија го проектира своето влијание врз светот преку неколку многу моќни пораки и идеи. Идејата за ненасилство и мирен отпор е директно поврзана со Индија, особено со нејзиниот основач Махатма Ганди, кој е еден од планетарните основачи на идејата за мирен отпор. Легендарниот борец за правата на американските црнци Мартин Лутер Кинг, кого понекогаш го нарекуваа Црниот Ганди, ја посети Индија во 1959 година и рече: „Можам да одам во други земји како турист, но јас доаѓам во Индија како аџија“. Во 21 век, Индија е најголемата функционална демократија во светот, со слободни и независни медиуми и судство, што влијаеше на нејзината растечка репутација на меѓународната сцена.

Индиски здрав начин на живот

Идејата за здрава исхрана и вегетаријанство или индиската кујна е директно поврзана со идејата за индиската нација. Поддржана е и од голем број индиски ресторани низ светот отворени од членови на индиската дијаспора. Иако некогаш во минатото ритуалите и односот на Ганди кон храната се сметале за чудни и ексцентрични, денес тие се вообичаени и прифатени од многумина и на Запад и на Исток. Денес лесно би се нашле голем број жестоки поддржувачи против пушењето, кое Ганди го сметаше за полошо и поштетно од пиењето алкохол. Тој знаеше да помине денови без да консумира сол или да јаде само сурова храна. Милиони го прават истото тоа денес и бараат одговори на многу прашања преку сличен став кон потрошувачката на никотин. Вегетаријанството и веганството се сè попопуларни и се директно поврзани со идејата за Индија.
Денес стана реалност индиските мириси и вкусови да влегуваат во домовите и животите на луѓето во најоддалечените краеви на светот. Здравјето и долговечноста се тема за која детално се пишува и зборува во развиениот и богат Запад. Јогата и ајурведата (најстариот традиционален лек) сѐ повеќе настапуваат со своето древно знаење и мудрост, а заедно со нив и Индија. Уште од времето на „Битлси“, медитацијата и внатрешниот мир станаа практично секојдневие за голем број луѓе на развиениот и стресен Запад. Таму Индија нема конкуренција и стана синоним за медитација. Говорејќи на 69-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во септември 2014 година, премиерот Моди официјално ја започна иницијативата за прогласување на 21 јуни за Меѓународен ден на јогата. Иницијативата беше прифатена од Генералното собрание на ОН на 11 декември 2014 година, со поддршка од 175 земји-членки, што сведочи за универзалната привлечност на јогата. Затоа денес сите амбасади на Индија во светот на тој ден организираат настани поврзани со промоција на јогата и тоа стана државна политика.
Современите гуруа за медитација, како Дипак Чопра или Махариши Махеш Јоги, се познати низ целата планета. Индија има голем број обожаватели низ светот и љубители на различни форми на индиска култура, обичаи, религија, техники и методи на медитација, кои самоиницијативно и со љубов работат на ширење на индиската мека моќ без плата од Њу Делхи и без трошоци за индиските даночни обврзници. Голем број писатели и уметници од Индија живеат и работат на Запад, пишуваат на англиски и стекнаа глобална слава и влијание (на пр. Салман Ружди, Сузана Арундати Рој). Хинду-фестивалот „Дивали“ (фестивал на светлата) станува глобално популарен.

Боливуд

Кога наградата „златен глобус“ за најдобра оригинална песна им беше доделена на 10 јануари 2023 година на индискиот филм „RRR“ и песната „Naatu Naatu“, тоа беше вест што одекна низ целиот свет. Тоа го обележи славењето на индиската шарена кинематографска традиција, најголемата, најплодна и најразновидна на глобално ниво, но и богатството и виртуозноста на самата индиска уметност и култура. Филмот го направи режисерот С.С. Раџамули, автор на три од шесте финансиски најуспешни индиски филмови на сите времиња. „RRR“ е снимен за време на пандемијата на коронавирусот и се појави во кината во март 2022 година. Снимен е за 72 милиони долари, што го прави најскапиот индиски филм на сите времиња. Во кината низ светот заработи дури 160 милиони долари, што е трета најголема сума во историјата на индиската кинематографија. Филмот успеа да се пробие до кината во Европа и САД, што не е лесно за индиските филмови, иако индиската филмска индустрија Боливуд е исклучително успешна.
Боливуд има исклучително силно влијание врз целата индиска култура, а индиските филмови се популарни низ Азија и прикажуваат специфична слика за Индија. На пример, непосредно пред посетата на премиерот Моди на Кина во мај 2015 година, многу популарниот индиски актер Амир Кан беше во Кина за да промовира нов хит-филм. Севкупно, Боливуд создава, на неколку јазици, речиси илјада филма годишно, што е исклучително голем број. Прекрасните локации на кои се снимаа најуспешните филмови стануваат туристички дестинации за рапидно растечката туристичка популација во Индија. Фактот дека најголем број ѕвезди во Боливуд се од исламска вероисповед е веројатно од особена вредност во поширокиот регион каде што индиските филмови се популарни. Еднакво, кога ќе се здружат со надворешни продуценти, тие постигнуваат успех, како што е филмот награден со „оскар“ во 2008 година „Милионер од гетото“ („Slumdog Millionaire“). Индиските филмови се важен културен извоз и влијаат на глобалните обичаи и трендови. Покрај тоа, по војната во Каргил во 1999 година, Индија и Пакистан заеднички продуцираа неколку филма за да ги вратат мирот и хармонијата меѓу двете земји. Индиските ТВ-серии исто така стекнаа голема популарност во многу земји во светот.

Богат креативен израз

Богатите креативни индустрии во Индија, вклучувајќи ги и дизајнот, текстилната и модната индустрија, како и сликарството, скулптурата, архитектурата, јазиците и литературата, се ценети низ светот поради нивниот оригинален и богат естетски и содржински квалитет. Понатаму, индиските танцови и музички дела ги користеа водечките западни уметници како „Битлси“, Мајкл Џексон, Мадона, Шакира, кои ги вклучија во своите изведби и песни. Современ факт е дека Индија стана синоним за ИТ-секторот поради големиот број индиски инженери што работат во светот во ИТ. Индијците ги користат својот интелектуален капитал и претприемачка визија за да ја позиционираат земјата во првите редови на глобалната ИТ-индустрија. Индиските институти за технологија (IITs), кои имаат глобална репутација, се забележливи бидејќи инженерите што се школуваат таму имаат одлично знаење.

Индиската дипломатија

Индија институционално го зајакна својот пристап кон меката моќ. Во Министерството за надворешни работи во 2006 година беше формиран Оддел за јавна дипломатија, а Индискиот совет за културни односи (ICCR) беше проширен низ целиот свет. Министерството за туризам ја иницира кампањата „Неверојатна Индија“, а Министерството за прекуокеански Индијанци доби задача да ги истакне културните, социјалните и политичките вредности на Индија во странство. Во ноември 2014 година беше формирано Министерството за ајуш, што значи Министерство за ајурведа, јога и натуропатија, унани, сида, сова ригпу и хомеопатија. Крикетот исто така се покажа како силен елемент во индиската дипломатија, особено со земјите од Јужна Азија.
Оваа година Индија претседава со Г20. Мотото на самитот на Г20 во Њу Делхи оваа година во септември е: „Една земја, едно семејство, една иднина“, што ја покажува посветеноста на Индија на основните принципи на хуманизмот. Индија постави шест приоритети за дијалогот на Г20 во 2023 година: 1) зелен развој, финансирање на ублажување на климатските промени и движење LIFE што промовира еколошки свесни практики и се надоврзува на одржливата традиција на Индија; 2) забрзан, инклузивен и отпорен раст; 3) забрзување на напредокот во остварувањето на целите за одржлив развој; 4) технолошка трансформација и дигитална јавна инфраструктура; 5) мултилатерални институции за 21 век; 6) развој предводен од жените.
Меката моќ на Индија е многу жива и присутна. Кога ќе се земат предвид сите карактеристики на меката моќ, фактот дека таа е дом на најголемата популација на млади и жени, со силни демократски институции, растечка економија и моќна војска, Индија е на пат да стане глобална суперсила. Истовремено, најголема опасност претставуваат проблемите како насилството (особено врз жените), феномените на верска нетрпеливост, како и сиромаштијата, која сѐ уште е широкораспространета. Сепак, потенцијалот на Индија е брилијантен.


Нарендра Моди – премиер на Индија и светски хуманистички лидер

Нарендра Моди ја доби наградата за политичко лидерство на ОН шампиони на Земјата за 2018 година. Во образложението на наградата пишува: „Програмата на ОН за животна средина му оддаде признание на индискиот премиер за неговото храбро еколошко лидерство на глобалната сцена. Под водство на Моди, Индија вети дека ќе ја елиминира сета пластика за еднократна употреба во земјата до 2022 година. Премиерот Моди исто така ја поддржува и се залага за Меѓународната соларна алијанса, глобално партнерство за зголемување на употребата на сончевата енергија. Водењето на Моди за климатската правда е препознаено и во развиените и во земјите во развој. Слично на тоа, индиската хуманитарна иницијатива „Вакцина Маитри“, насочена кон дистрибуција на вакцината против коронавирусот низ светот и други здравствени иницијативи, ја заслужи почитта од меѓународната заедница.
Владата предводена од Моди се обидува да ја зајакне меката моќ на Индија на глобалната сцена преку промовирање позитивни хуманистички вредности прифатливи за сите во време кога светот е погоден од војната во Украина и справување со последиците од кризата со ковид. Благодарение на декларацијата дека „ова не е време за војна“ и ширењето на филозофијата на „Васудаива кутумбакам“ (санскритска фраза во хинду-текстовите: „Целиот свет е едно семејство“), Моди стекна многу обожаватели низ целата планета.


Што е тоа мека моќ на државите и нациите?

Популарниот и живописен термин мека моќ сѐ повеќе се користи во последниве години и во јавниот дискурс и во академската заедница за политички науки. Терминот беше лансиран во 1990 година од американскиот експерт за политика и меѓународни односи Џозеф Нај. Накратко, мека моќ значи способност на една држава/нација да влијае на други држави/нации преку убедување и привлекување и се потпира на три фундаментални столба: култура, политички идеи и вредности и надворешна политика. Тоа е дијаметрално спротивно од употребата на принуда или сила (тврда моќ) со економски или воени средства. Тврдата моќ е, на пример, напад од една држава врз друга или воведување меѓународни санкции (на пр. војната во Украина и западните санкции против Русија).
Американскиот експерт за политика и меѓународни односи Џозеф Нај во книгата од 1990 година, „Мора да води: Променливата природа на американската моќ“, го користеше терминот за да ја опише моќта на САД на крајот од Студената војна, кога станаа единствената светска суперсила. Тој потоа напиша: „Кога една земја ќе ги натера другите земји да го сакаат она што таа го сака, тоа може да се нарече кооперативна или мека моќ наспроти тврда моќ, или да им наредува на другите да го прават она што таа го сака“. Нај во 2012 година објасни дека меката моќ всушност значи „пропаганда што не е пропаганда“ и дека во ерата на информации „кредибилитетот е највредниот ресурс“. Иако терминот за првпат е измислен за да го опише глобалното влијание на Америка во светот преку политиката, популарната култура, уметноста, технологијата, всушност секоја земја (без разлика колку е мала) поседува ресурси на мека моќ, единственото прашање е колку тие користат.

Подготвил: Mарјан Велевски