Вооружените сили на Австралија ги очекува најголемото бројчено зголемување во последните 40 години: од 60.000 на речиси 80.000 војници. Сето ова, како што се напомнува, ќе се одвива во заднина на ескалирачките конфликти во Европа, но и во другите делови на светот

Австралија ја објави својата најголема реформа во областа на одбраната по Втората светска војна

Пред нешто повеќе од еден месец, поточно на 24 мај, Австралија ја објави својата најголема реформа на одбраната лансирајќи го својот Стратегиски преглед на одбраната. Во двете укоричени книги со бели корици, австралиската влада го претстави одговорот на својата изменета улога во Океанија, како и сето она што го смета за безбедносни предизвици во Индопацификот.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе го нарече прегледот „најзначаен документ подготвен по Втората светска војна“ и порача дека Владата ќе постапи во согласност со препораките наведени во него. Според Албанезе, вооружените сили на Австралија ги очекува најголемото бројчено зголемување во последните 40 години: од 60.000 на речиси 80.000 војници. Сето ова, како што се напомнува, ќе се одвива во заднина на ескалирачките конфликти во Европа, но и во другите делови на светот. Имено, Австралија последните децении постепено сè поцврсто се вклучуваше во англо-американскиот безбедносен дизајн, поради што денеска израсна во исклучително важен фактор.
На сегашниот „троен пакт“ меѓу Америка, Британија и Австралија му претходеа групацијата „Квадрант“ во која се Индија, Јапонија, САД, Австралија и сојузот „Пет очи“ што го сочинуваат Канада, Нов Зеланд, Австралија, Британија и САД.
Во таквиот контекст, кинеските и руските воени аналитичари опсервираат елементи, препознавајќи дека во групацијата „Квадрант“ го гледаат зачетокот на воен сојуз што го споредуваат со НАТО, додека „Пет очи“ е наменет за безбедносна соработка, меѓународна шпионажа и размена на разузнавачки информации.

Стратегиски насоки на „воената политика“ на Австралија

Австралискиот стратегиски преглед на одбраната бележи четири тренда што се важни за безбедноста на овој континент и кои беа повод за изработка на овој документ. Во анализата се поаѓа од тоа дека САД повеќе не се „униполарни лидери на Индопацифичкиот Регион“, како и тоа дека интензивната конкуренција меѓу САД и Кина ја одредува ситуацијата во регионот и дека конкуренцијата меѓу големите сили има „потенцијал за судир“. Посебен елемент во анализата е експлицитното разгледување на нивото на тој судир.
Од доцните 60-ти години на минатиот век, појдовната точка на австралиските насоки за планирање на одбраната беше географијата, имајќи предвид дека безбедносните приоритети и цели се инкорпорирани низ географските региони (Австралија, југозападен Пацифик, југоисточна Азија, североисточна Азија и глобално ниво), чии варијации доминираа во содржината на секој стратегиски преглед во последниот половина век.
Наспроти тоа, последниот стратегиски преглед на одбраната нè враќа во 50-тите и раните 60-ти кога со австралиската одбранбена политика последен пат доминираше заканата од судир меѓу големите сили. Тогаш одбранбеното планирање се движеше во рамките на тоа на кое ниво на судир Австралија треба да се фокусира – Студена војна, ограничена војна и глобална, голема војна.
Денешните кинески претензии на суверенитетот над Јужно Кинеско Море го загрозуваат, како што се наведува, „глобалниот поредок заснован на правила“, а во Индопацификот на начин што им штети на националните интереси на Австралија. Од тие причини, австралиската влада ќе му даде предност на развојот на капацитетите за нанесување прецизни удари со долг дострел, на домашното производство на наведувано оружје, како и на дипломатијата. Токму затоа Прегледот на одбраната препорачува противбродски ракети со долг дострел за австралиските ловци „Ф-35А“ и „Ф/А-18Ф“, како и развој на беспилотно летало „гоуст бат“ во соработка со САД, со констатација дека на австралиската морнарица ѝ се потребни повеќе мали бродови со ударно оружје со долг дострел. Австралија, исто така, треба да ја зајакне одбранбената соработка со Јапонија, Индија, работ на Пацификот и југоисточна Азија, за да ја одржи регионалната рамнотежа.

Смислата на АУКУС

Прегледот потврди дека програмата на нуклеарни подморници е приоритет за развивање „австралиска способност за одвраќање“. Австралија во септември 2021 година, откако склучи трилатерално одбранбено партнерство АУКУС со Велика Британија и САД, го отфрли договорот со Франција за набавка на подморници, а Американците за возврат ветија дека ќе ѝ помогнат на Канбера во создавањето нуклеарна подморничка флота. Станува збор за подморници со автономни системи за вооружување базирани на вештачка интелигенција, квантна технологија и компјутери. Во план се уште пет брода од класата „вирџинија“.
Сето ова беше потврдено на 13 март оваа година на состанокот меѓу американскиот претседател Џо Бајден, австралискиот премиер Ентони Албанезе и британскиот премиер Риши Сунак што се одржа во Сан Диего, на тема за нуклеарното партнерство АУКУС.
Во врска со грандиозните очекувања од овој сојуз говореа сите тројца учесници на состанокот. Бајден нагласи дека овие подморници се на нуклеарен погон, а не претставуваат нуклеарно вооружување.
– Овие бродови нема да имаат никакво нуклеарно оружје од каков било тип – рече Бајден на свеченоста во воената база Поинт Лома во Сан Диего, каде што двете подморници, „УСС Мисури“ и „УСС Шарлот“, беа закотвени на доковите на Тихи Океан.
Албанезе во оваа пригода истакна дека договорот претставува најголема поединечна инвестиција во одбранбените капацитети на Австралија во сета нејзина историја, наведувајќи го фактот дека САД за првпат за 65 години ја споделиле својата технологија за нуклеарен погон.
Риши Сунак го нарече АУКУС „најзначајно мултилатерално одбранбено партнерство со генерации“. Вкупната сума што ќе биде вложена во оваа програма почетно се проценува на повеќе од 100 милијарди американски долари.

НАТО на Истокот

Јужна Кореја веќе изрази желба да се вклучи во „Квадрантот“, иако американските челници изјавија дека не размислуваат за приспособувања и промена на структурата на моменталното членство во оваа алијанса. Сепак, државите-членки одржаа состаноци во формат „Квадрант плус“, што ги вклучуваше Јужна Кореја, Нов Зеланд и Виетнам, а што во иднина може да биде основа за ширење на сојузот. Првиот самит на лидерите на оваа групација на кој беше истакнато дека таа организација не е филијала на НАТО во Индопацифичкиот Регион, туку алтернатива на кинеското давање помош на овие земји, се одржа во 2021 година.
Можеби на некој начин станува збор за некаква неформална верзија на едно азиско НАТО во кое Австралија станува камен-темелник. За разлика од претходните децении, Австралија сега ќе има што воено да му понуди на тој сојуз.