Викендов во „Св. Јован Бигорски“ промовирана монографијата од Киро Кипроски, нашиот дописник од Гостивар

Во прекрасната и вдахновувачка атмосфера во големата сала за свечености на бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ се одржа промоција на монографијата „Духовните светилишта на гостиварското архијерејско намесништво“ од авторот Киро Кипроски, публицист и доајен на македонското новинарство. Наедно со промоцијата беше одбележан и големиот јубилеј на авторот – 55-годишна творечка дејност.
Промоцијата се изведе во свечен амбиент, во присуство на домаќинот на свеченоста, епископот антаниски г. Партениј, игумен на свештената бигорска обител, на митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф, на монашкото братство од Бигорски и на монашкото сестринство од Рајчица, како и во присуство на многубројни публицисти, новинари и љубители на пишаниот збор од Скопје, Гостивар, Тетово, Кичево, Битола, Охрид, Куманово, Кочани и од други места од Македонија.
Промотори на ова монументално дело, дванаесетто по ред на авторот, беа Ратко Димитровски и архимандритот Кирил од Бигорскиот манастир. Свеченоста започна со настапот на монашкиот хор на бигорското братство, кое исполни неколку песнопенија во источноправославен црковен стил. Беседата за 55-годишното новинарство, во име на поранешниот директор на НИП „Нова Македонија“ и долгогодишен главен и одговорен уредник на првиот дневен весник во Македонија, Панде Колемишевски, ја прочита монахињата Ефимија од манастирот на „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица.
– Пред три дена македонскиот православен народ го прослави празникот на сесловенските и македонски просветители, светите браќа Кирил и Методиј, кои јазикот на Македонците кај Солун им го подарија како јазик и како писмо на многу други народи на Балканот и на Источна Европа. Денес, тука, под покровот на бигорското светилиште, на неговата свештена обител и со благородната и беспрекорната волја на неговиот старец и игумен, епископот антаниски, господин Партениј, ја одбележуваме 55-годишнината од почетоците на кариерата на еден македонски световен новинар, кој се потпишува со името Киро и со презимето Кипроски. Самиот овој чин, локацијата на која се одржува овој настан, зборовите и писмото што во овој момент ги користиме се доволен доказ за нашата нераскинлива врска од времето на солунските браќа до денешните дни – се вели на почетокот на беседата што Колемишевски му ја посвети на Кипроски.
– Што да се каже на крајот, кога може да се кажува и уште долго и широко. Кипро беше омилен меѓу колегите, секогаш кога беше во Редакцијата ширеше позитивна енергија, бодар дух и верба во професијата. Немаше човек со кого не се познаваше, со кого не контактираше, од обичниот работник во печатницата, преку стенографките и дактилографките, преку главните уредници до директорите. Секогаш љубезен, отворен, непосреден и говорлив. Без злоба, без задна намера, без оговарање, одлики на вистински новинар и човек. Таков беше, таков си остана, таков и да остане. Тоа се моите бои за правење на портретот на Кипро, дописникот на „Нова Македонија“ од Гостивар, од Гостивар ама познат на цела Македонија – заклучува на крајот од беседата Панде Колемишевски, која ја прочита монахињата Ефимија.
Монографијата „Духовните светилишта на гостиварското архијерејско намесништво“ аналитички ја презентираше архимандритот Кирил од Бигорскиот манастир.
– Книгава што ја држам во рацете е нешто повеќе од книга – тоа е вистински литерарен споменик и светилник што го осветлува длабокиот свет на духовноста и културното наследство на гостиварската област. Откако ќе ја отворите и ќе започнете да читате, ќе бидете веднаш привлечени од начинот на опишување и сведочење од страна на авторот, веќе легендарниот македонски публицист и новинар Киро Кипроски.
„Духовните светилишта на гостиварското архијерејско намесништво“ ги вплотува во себе карактеристиките на личниот печат, енергијата, автентичноста, спонтаноста и оригиналноста на авторот. Ова е дело што неодоливо привлекува и ги внесува читателите во многу преживеани истории и собитија. Тоа е плод на личното доживување, на истражувањата, патувањата, собирањата, на средбите и емоциите на љубителот на словото, патописецот Киро Кипроски и затоа запишаните слова имаат духовна тежина и вредност, наспрема стерилните зборови, лишени од дух и живост во нашево доба. Ова не е дело напишано со помош на Гугл и на „вештачката интелигенција“, туку е дело со жива и човечка енергија и есенција. Авторот го соткајува времето и просторот, споделувајќи ги своите историски и антрополошки сказанија, собитија и времеплови. Истовремено тој се пројавува и како новинар, и како летописец, и како лаограф, и како етнолог, и како антрополог.
Во продолжение кон присутните се обрати и славеникот Киро Кипроски, кој срдечно му се заблагодари на домаќинот на промоцијата, епископот антаниски г. Партениј, старец на Бигорскиот манастир.
Монографијата „Духовните светилишта на гостиварското архијерејско намесништво“ ја подготвувал 25 години, со благослов на блаженоупокоениот митрополит полошко-кумановски Кирил, и последните десет години со благослов на сегашниот митрополит тетовско-гостиварски г. Јосиф. Кипроски последните две години, како што самиот истакна, интензивно ја подготвувал и притоа по неколкупати ги посетил сите духовни светилишта во четириесетте села на гостиварското архијерејско намесништво и седумдесетината цркви, манастири, параклиси и свети крстови. Целиот материјал е сместен во луксузно книжно издание, на 470 страници, со двесте црно-бели и колор-фотографии и факсимили.
Свеченоста во Бигорски манастир ја збогати и легендата на македонската народна песна, композиторот и текстописец Ванчо Тарабунов Н.М.