Јас секогаш сакам да одбирам случки што се веројатни, реални и навистина можат да се случат. „Најслаткиот филџан кафе“ е моја фикција, но тоа е приказна во која некој ќе се препознае, изјавува Оља

Оља Петрушевска-Томева, авторка на книги

Ема е млада девојка, средношколка во музичко училиште, која ги сака пеењето и свирењето виолина. Малку „презрела“ за своите години или барем таа се доживува себеси така. Ема е паметна, Ема е интересна, Ема е убава; сите сакаат да се дружат со неа и каде и да оди им го привлекува вниманието на момчињата. Но нејзиното внимание го привлекува токму оној што не треба; личност што е забранета за Ема. Новиот, млад и прекрасен професор по солфеж, кој сепак е премногу „стар“ за малолетната Ема. Но забранетото секогаш е најслатко и најпривлечно, па така, Ема се опседнува со професорот Огнен и не може да престане да мисли на него. Фантазира за него, го идеализира до бескрај и почнува да излегува каде што тој има свирки само за да биде во негова близина.
Ова е мал сегмент од најновиот роман „Најслаткиот филџан кафе“ на Оља Петрушевска-Томева. Оља е дипломирана правничка и магистерка по европско право и интеграции. Таа е авторка и на книгата за деца „Волшебната авантура“ и романот за возрасни „Одмаздата на богомолката“, „Сагата за Рајна“.

Каква девојка е Ема?
Ема е млада девојка, полна со живот, среќна, задоволна од својот живот, среќно и сакано дете, единица на мама и тато, интересна девојка со која сите сакаат да се дружат, убава девојка посакувана од момчињата, одлична ученичка со големи идеали пред себе. Но и покрај безгрижноста и сигурноста што ѝ ги дава семејството, сепак младоста и неискуството ја одвлекуваат во еден друг правец што ќе ѝ го разниша розовиот живот.

Кога би направиле краток епилог на „Најслаткиот филџан кафе“, со кои зборови би го опишале?
Книга што зборува за младоста, љубовта, неискуството, грешките, пријателството, но и среќата. Книга што треба да ве разоноди, но и да ве замисли. Но сепак лесна, романтична приказна што можете да ја читате со филџан кафе, притоа можеби ќе пуштите и понекоја солза.

Му отстапувате солиден простор на кафето во романот. Каква симболика носи кафето? Што мислите кога мислите на кафе?
Точно така. Пиењето кафе за мене е култ. Уживам во утринското кафе, во кафето што го пијам со колегите на работа, а особено во кафето со моите пријателки, бидејќи тоа е посебно. Тоа е едноставно љубов.

Колку ја третирате реалноста во вашите дела, дали вашите ликови се создадени од вашето опкружување?
Јас секогаш сакам да одбирам случки што се веројатни, реални и навистина можат да се случат. Најслаткиот филџан кафе е моја фикција, но тоа е приказна во која некој ќе се препознае.
Додека „Сагата за Рајна“ е вистинска приказна, напишана по животот на Рајна, а раскажана од нејзините внуци.

Каква поука ни носат Марија и Ема… Нивниот меѓусебен однос?
Марија е олицетворение на вистинска пријателка. Таа пред време ги согледува замките во кои запаѓа Ема и ѝ укажува на тоа. Ема, иако знае дека Марија ја зборува вистината, не сака да го прифати тоа. Едноставно дозволува емоциите да ја водат, а не разумот. Затоа и во еден период ја доживува Марија како непријател.
Но сепак, Марија е вистинска пријателка и останува нејзина поддршка засекогаш, бидејќи вистинското пријателство е безусловно.

Велат дека пријателството е како свеќа што сјае и ти го грее срцето кога надвор е студено и темно… Колку вистина има во таа реченица?
Вистинското пријателство во денешно време е реткост. Затоа треба да се негува, за да трае вечно. Пријателите некогаш повеќе значат и од роднините, всушност вистинскиот пријател е семејство.

Какво книжевно бегство сакате да им дадете на читателите преку вашиот ракопис?
Сакам читателите барем за момент да излезат од реалноста. Да замислат барем накратко дека се Ема, можеби Марија, Рајна. Верувам дека секој од нас би можел да се препознае во некој од ликовите. Барем мене ми се случува тоа кога читам. Јас едноставно се губам од реалноста и станувам дел од приказната. Така човек има чувство дека живее повеќе животи и животот е поинтересен. Дали некому ќе му се допадне книгата зависи од вкусот, а јас посакувам повеќе задоволни читатели.