Фото: ЕПА

Хамас денеска најави дека ќе ги продолжи преговорите за постигнување договор кој ќе обезбеди сеопфатен крај на израелската војна во Појасот Газа, пренесе „Анадолија“.

– Хамас ја покажа неопходната флексибилност за да се постигне договор што ќе обезбеди сеопфатен прекин на нападите врз нашиот народ. Сепак, окупаторската држава (Израел) ги избегнува условите од договорот за прашања како што се траен прекин на огнот, враќање на раселени, повлекување од Појасот Газа и задоволување на потребите на нашиот народ – се наведува во изјавата на оваа милитантна група.

Во соопштението се нагласува дека Хамас ќе ги продолжи преговорите преку посредници.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека евентуалниот договор за прекин на огнот во Појасот Газа зависи од Хамас.

Израелската телевизија „Канал 13“ вчера, врз основа на изјави на израелски функционер, објави дека е пренесена понудата на администрацијата на Тел Авив за прекин на огнот и размена на затвореници во Газа и дека се очекува одговор од Хамас.

Со денешното соопштение се потврдува дека процесот продолжува.

Во Каиро, главниот град на Египет, на 13 февруари се одржа состанок меѓу администрацијата на Тел Авив и Хамас. Подоцна овие преговори продолжија во Париз, главниот град на Франција. Преговорите во Париз завршија на 24 февруари со учество на израелска делегација. Египетските медиуми последен пат објавија дека преговорите во Каиро започнале на 3 март, со учество на Египет, Катар, Хамас и САД.