Ако сакаме да имаме 400.000 нови граѓани секоја година и со тоа да го одржиме бројот на работници, а ако го одземеме огромниот број на оние што емигрираат, тогаш на Германија и требаат 1,5 милиони имигранти годишно, вели економистката Моника Шницер. Само зголемената имиграција може да биде лек за проблемот со недостигот на квалификувана работна сила, нагласи таа за весникот „Зидојче цајтунг“, пренесува „Дојче веле“.
Шницер е раководителка на експертското тело (Совет на експерти, во кое членуваат водечки економски експерти. Ова тело го анализира економскиот развој во Германија и ја советува федералната влада.
Новиот закон за имиграција, за привлекување експерти од земји надвор од Европската унија, кој неодамна беше усвоен од Бундестагот, според Шницер е чекор во вистинската насока. Но, додава дека тоа нема да биде доволно.
– Потребни ни се канцеларии за странци, кои нема да ги плашат доселениците, туку нудат услуга. Не треба да бараме странските експерти да знаат германски за секоја работа, туку да се погрижиме вработените во канцеларијата за странци да знаат и англиски јазик – вели Шницер.
Според Шницер, Германија ќе мора да инвестира повеќе во децата за да почне да го решава проблемот со недостигот на квалификувана работна сила.
– Поразително е што четвртина од четвртоодделенците не знаат добро да читаат – критикува таа.
Дополнително, според неа, компаниите треба да ги мотивираат постарите вработени да продолжат да работат за да не се пензионираат предвреме.
Шницер смета дека државата не напредува „како што можеше и требаше“. Меѓу другото, не се инвестираше во потребната инфраструктура, дигитализацијата значително заостанува, заштитата на климата е започната предоцна, вели таа.
И клубот на претставници на ФДП во Бундестагот може да прифати дека поради недостиг на стручна работна сила во градинките во иднина ќе бидат ангажирани наставници кои се уште го немаат потребното ниво на познавање на германскиот јазик. Замисливо е дека јазичните вештини можат да се подобрат со работа, ова е една од идеите од документот што клубот на ФДП во Бундестагот најверојатно ќе го усвои во текот на оваа недела, според „Тагешпигел“.
Според Федералната канцеларија за миграција и бегалци, познавање на германскиот јазик на ниво C1 (напредно ниво) е потребно во многу сојузни држави во одредени занимања, на пример за работа на наставник. Во иднина, се наведува во документот на ФДП, ќе биде потребна поголема флексибилност за интегрирање на итно потребната професионална работна сила во системот, пренесуваат германските медиуми.