Илустрација / Фото: Принтскрин/„Ај-ти-ви њуз“

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант денеска изјави дека нема ниту еден момент да не размислува за заложниците што ги држи Хамас.

– Во текот на последниот ден, напреднавме во нова фаза во војната. Силата на огнот ја потресе земјата во Газа и тоа е различно од сè што доживеа Хамас од неговото создавање – рече тој на заедничката прес конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

– Силите на ИДФ маневрираат на соодветните места и ги напаѓаат локациите на Хамас во моментов, над земја и под земј … Хамас трпи шокови што никогаш не ги претрпел – рече Галант.

Според него, израелските сили во Газа ги добиваат сите разузнавачки информации и помошен оган што им се потребни, додавајќи дека операцијата е прецизна, смртоносна и исклучително моќна.

Галант рече дека „има целосна верба“ во началникот на Генералштабот на ИДФ, шефовите на Шин Бет и Мосад и војниците на терен.

Тој нагласи дека Израел не сака да ја прошири војната, но е подготвен ако некој друг се вклучи.

Галант, исто така, рече дека земјата се грижи за резервистите, за луѓето кои живеат во близина на борбените области и оние кои ги напуштиле своите куќи.

Осврнувајќи се на заложниците, Галант истакна дека Израел прави сè што може за да ги врати заложниците.

– Тоа не е секундарна мисија – нагласи тој.

– Да не се залажуваме, нашите непријатели не бараат хуманитарни решенија, рече Галант.

Галант наведе дека колку посилно Израел го удира Хамас, толку се поголеми шансите Хамас да се согласи да ослободи заложници.

– Ова нема да биде кратка војна. Ова ќе биде долга војна… Или ние или тие – рече израелскиот министер за одбрана.

Израелскиот премиер Нетанјаху изјави дека втората фаза од војната против Хамас започнала синоќа со влез на повеќе копнени сили во Газа.

Нетанјаху рече дека воените цели на Израел се јасни – „уништување на воените и управувачките способности на Хамас; и враќање на заложниците дома“.

Нетанјаху рече дека одлуката за започнување на копнениот упад била донесена едногласно, и од воениот кабинет и од кабинетот за безбедност.

– Нашите команданти и војници кои се борат на непријателска територија знаат дека нацијата и националното раководство стојат зад нив- додаде тој.

Нетанјаху рече дека трупите што ги сретнал на терен се решени да го натераат Хамас да плати за своите акции на 7 октомври.

– Тие се решени да го искоренат ова зло од светот, заради нашето постоење и, додавам, за целото човештво – нагласи тој.

Нетанјаху претходно се сретна со претставници на семејствата на заробениците кои ги држи Хамас во Газа. По средбата тие повикуваа да се ослободат сите палестински затвореници во Израел во замена за ослободување на нивните најблиски.