Француската влада претстави пакет мерки со кои се обидува да одговори на барањата на средношколците и студентите, по повеќенеделните протести, блокади на училишта и демонстрации низ земјата.
Мерките ги претставија министерот за национално образование Едуар Жефре и министерот за високо образование Филип Батист, по средбата на претставниците на ученичките и студентските организации со премиерот Себастијан Лекорни.
Според соопштението на француското Министерство за образование, владата планира постепено да ја замени платформата „Паркурсап“ (Parcoursup), преку која матурантите се пријавуваат за студирање. Платформата долго време е критикувана од учениците поради сложените и недоволно транспарентни критериуми за избор на кандидатите.
Првите измени треба да се применат во 2027 година, кога високообразовните установи ќе мора појасно да ги објаснуваат критериумите и автоматизираните постапки што ги користат при изборот на кандидатите, како и причините за одбивање на пријавите.
Целосно нов систем за запишување во високото образование е најавен за 2028 година. Во подготовката треба да учествуваат ученици, наставници и претставници на институциите, а првите препораки се очекуваат до крајот на ноември.
Владата најави и отворање 15.000 дополнителни места во високото образование во периодот 2027–2028 година. Од нив, 10.000 ќе бидат во програмите за повисоко стручно образование, 4.000 во технолошките студиски програми, а 1.000 во здравствените насоки.
Најмногу 28 ученици во класовите
Една од главните мерки се однесува на намалување на бројот на ученици во класовите. Од почетокот на учебната 2027/2028 година во половина од средните училишта што работат во социјално и економски најнеповолни средини, класовите во прва година ќе имаат најмногу 28 ученици.
Ограничувањето треба да се прошири на сите средни училишта од учебната 2028/2029 година. Владата истовремено ќе се откаже од планираното укинување работни места во средното образование и во буџетот за 2027 година ќе предвиди вработување 500 дополнителни наставници.
За да се намали бројот на часови што се губат поради отсуство на наставниците, почнато е и ангажирање 920 наставници со договор, а училиштата ќе добијат дополнителни средства за краткорочни замени.
Предвидени се и 500 нови работни места за училишни психолози, медицински сестри и социјални работници, со цел учениците полесно да добијат поддршка за менталното здравје.
Владата ќе го разгледа и системот на континуирано оценување, кој учествува со 40 отсто во конечниот резултат на матурата. Средношколците оценуваат дека постојаното оценување создава прекумерен притисок, а властите размислуваат за негово укинување во дел од средното образование.
Милијарди евра за училишните објекти
За подобрување на условите во училиштата, француските региони до 2030 година ќе можат да користат до четири милијарди евра поволни заеми за реновирање на средношколските објекти. Дополнителна милијарда евра е предвидена за реконструкција на универзитетските згради до 2029 година.
Студентските стипендии од 2027 година ќе се усогласуваат со инфлацијата и со приходите на семејствата. Владата најави и продолжување на програмата за изградба на 45.000 студентски сместувачки единици, како и на субвенционираните оброци од едно евро.
Мерките биле подготвени и врз основа на националната консултација „Средношколки и средношколци, вие го имате зборот“, во која биле доставени повеќе од 100.000 предлози и забелешки од речиси 3.000 училишта, соопшти француското Министерство за образование.
Учениците најавуваат продолжување на протестите
Дел од ученичките организации ги оценија мерките како прв чекор, но сметаат дека тие не се доволни за прекинување на протестите. Нивните главни барања остануваат целосно укинување на „Паркурсап“, отворање повеќе места на универзитетите и поголеми вложувања во образованието.
Незадоволство изразија и наставничките синдикати, според кои ограничувањето на бројот на ученици треба да важи за повеќе класови и училишта, а не само за прва година во дел од средните училишта. Претставниците на ученичките и студентските организации најавија нови собири на 31 октомври и на 5 ноември, објави Ројтерс.
Голем дел од мерките зависат од усвојувањето на францускиот буџет за 2027 година, а најавените промени за 2028 година ќе зависат и од политичките одлуки што ќе следуваат по претседателските и парламентарните избори во Франција следната година.































