Во Белгија интензивно продолжува истрагата за корупциската мегаафера во чие средиште беше грчка европратеничка
Корупцискиот скандал што го потресе Европскиот парламент и натаму стои високо во агендата на белгиските истражители. Тие во петокот реализирале нови истражни мерки, вклучувајќи повеќе претреси на станови, работни простории и банки што биле доведени во релација со осомничените. Притоа на сослушување бил приведен член на ЕП, чиј имунитет беше укинат минатата недела. Викендов беше потврдено дека уште двајца европратеници се уапсени поради вмешаност во корупцискиот скандал во Европскиот парламент.
Во соопштението, кое најпрво го објавија сојузните обвинители, се наведува дека во петокот рано изутрина го привеле европратеникот М.Т. (кого извори во бриселските медиуми го идентификуваа како Марко Тарабела). Властите го претресоа неговиот дом во Антис, во Источна Белгија, а потоа ги пребараа градското собрание и банкарскиот сеф во блиската Лиеж. Судијата задолжен за случајот во законски рок ќе одлучи дали ќе биде поднесено обвинение против Тарабела.
Тарабела негираше дека сторил некакво противзаконско дејство.
Но наспроти тоа, веќе во саботата официјално беше потврдено дека белгиската полиција го лишила од слобода пратеникот Марк Тарабела под сомневање за „мито, корупција и перење пари“!
Во исто време, италијанските карабинери го привеле пратеникот Андреа Коцолино во рамките на истрагата поврзана со скандалот со корупција и начините на кои Катар и Мароко купувале влијание во Европската Унија. Двата случаја, според извори во истрагата, биле директно поврзани со големиот скандал од крајот на минатата година, кога беше уапсена поранешната потпретседателка на парламентот Ева Каили.
За потсетување, грчката европратеничка Ева Каили, поранешниот италијански европратеник Пјер Панери и уште двајца во моментов се во белгиски притвор под обвинение за корупција и перење пари поврзани со плаќања од Катар и Мароко. Партнерот на Каила, Франческо Џорџи, кој исто така е во притвор и призна дека примал мито, рече дека верува оти Тарабела добива пари од Катар, според извор близок до истрагата.
Адвокатот на Тарабела изјави дека неговиот клиент двапати го посетил Катар и дека сè за тие посети е транспарентно. Во Катар, Тарабела посети градилишта и работни логори, а еден од приоритетите на неговата посета беа човековите и работничките права.
Лорета Трајкоска Специјално за „Нова Македонија“ од Брисел, Белгија