Долготрајната суша што ја зафати Европа предизвика катастрофален пад на водостојот на големите реки, низ кој се одвива речниот транспорт на суровини.
Историската суша во Европа се заканува да ја осакати трговијата во неколку европски држави

Намалениот водостој на реките во Eвропа предизвикува сериозни транспортни проблеми со тешки економски последици

Долготрајната суша што ја зафати Европа предизвика катастрофален пад на водостојот на големите реки, низ кој се одвива речниот транспорт на суровини, од чие редовно снабдување зависи работата на термоцентралите на јаглен, хемиските фабрики, нуклеарните електроцентрали и други стопански објекти. Запирањето на транспортот ќе влијае на националните економии на повеќето европски земји. Сушата се одрази и на заштитата на флората и фауната, како и на редовното водоснабдување на граѓаните. Поради високите температури и долготрајните суши што го зафатија европскиот континент, реките имаат сѐ помалку вода и стануваат претопли.
Историската суша во Европа се заканува да ја осакати трговијата во неколку европски држави. Рајна, која е столб на германската, холандската и швајцарската економија со векови, летово ќе остане практично без вода. Дунав, кој го минува својот пат 1.800 милји низ Централна Европа до Црно Море, е исто така „пресушен“, отежнувајќи го целосно речниот транспорт, но и туризмот по оваа река. Енергетската криза во Франција се влоши бидејќи Рона и Гарона се премногу топли за ефективно да се изладат нуклеарните реактори, а италијанската По е премногу ниска за да се напојат земјоделските површини.

Рајна главен речен коридор на Европа

На Рајна, која е главна речна врска за Германија и за другите соседни земји, просечната длабочина во овој дел од годината изнесува околу два метра. Но на неколку места водостојот на оваа река паднал под еден метар! Во каналот во близината на Комбленц, на почетокот на овој месец е измерен само половина метар. Рајна е една од најпрометните пловни реки во светот. Нискиот водостој значително го отежнува сообраќајот на товарни бродови. За да може без пречки да пловат натоварените бродови, потребно е минималното ниво на реката да изнесува метар и половина. Поради тоа, бродските компании носат помалку товар, но тоа ги зголемува транспортните трошоци.
Кристијан Хелбах од Келнската канцеларија за пловни патишта и бродарство вели дека во овој период од годината вообичаено е да има низок водостој од почетокот на јули, а најниската точка да биде постигната во септември или октомври. Но годинава нискиот водостој почнува многу порано, а Рајна може да биде и поплитка во наредните месеци, затоа што нема најави за обилни дождови.
– Од средината на јули реката е толку плитка што се одразува на товарниот сообраќај – вели Нилс Јансен од Институтот за светска економија од германскиот град Кил.
Речните товарни бродови секоја година во Германија превезуваат околу 195 милиони тони стока, а најголемиот дел е по водотекот на Рајна. Преку речниот сообраќај се пренесуваат житарки, јаглен, бензин, мазут, хемиски производи, песок, градежни материјали и метални производи. Рајна ги поврзува важните индустриски зони во Германија, Франција и Швајцарија со морските пристаништа во Холандија и Белгија.
Во 2018 година, кога исто така имаше низок водостој на реките, бродскиот сообраќај беше во прекин 132 дена. Студијата што била изработена една година подоцна покажа дека сушата предизвикала сериозни последици за работата на многу погони во хемиската индустрија, производството на челик, хартија, градежни материјали и земјоделски производи.

Низок водостој на По, Рона, Темза…

Сушата во плодната италијанска долина по реката По, каде што се произведува 30 отсто од земјоделското производство во земјата, се одрази негативно на посевите со пченка и сончоглед. Земјоделците на ориз беа принудени да ги намалат насадите откако реката падна на најниско ниво во последните 70 години.
Во нејзината делта јужно од Венеција, нарушувањето на природниот тек предизвикува распаѓање на алгите и недостиг од кислород во водата, кој е потребен за преживување на речните животни.
– Многу сме загрижени. Потребна ни е итна владина интервенција за да се спаси животната средина покрај реката – рече Алесандро Фачоли, сопственик на фарма за риби во регионот Венето.
Ова лето околу 30 отсто од школките во областа се уништени, а најмалку 2.300 локални рибари и работници може да ги загубат своите работни места.
Прогласена е вонредна состојба во пет северни и централни региони во Италија. Целиот регион Ломбардија се соочува со најголемата суша во историјата.
Поради својата најлоша суша досега, Франција воведе рестрикции за вода речиси во целата земја. Повеќе од 100 општини сега се потпираат на вода за пиење што се снабдува со камиони, пишува „Блумберг“.
Додека втората по големина економија во ЕУ се бори со енергетска криза, францускиот нуклеарен регулатор одобри привремено ослободување за пет нуклеарни централи да испуштаат топла вода во реките што може да ги прекршат еколошките стандарди. Енергетската криза во Франција се влоши бидејќи Рона и Гарона се премногу топли за ефективно да се изладат нуклеарните реактори.
Нискиот водостој ја доведува во прашање и работата на нуклеарните електроцентрали во Франција што се лоцирани на големите реки, за да можат да обезбедат доволно количество вода за ладење на реакторите. По постигнувањето на максимално дозволената температура, нуклеарните електроцентрали мораат да го намалат производството на струја. Тоа се случува во период кога во Франција поради високите температури граѓаните користат повеќе разладни уреди, а кога Русија ја прекина испораката на гас за Франција. Затоа, енергетскиот систем во земјата е изложен на ризик од „прегревање“.
Со низок водостој се соочува и најголемата река во Велика Британија, Темза. Сушата предизвика Темза да се појави на повеќе од пет километри низводно од местото каде што е изворот на оваа река.

За Дунав постои опасност од повисока температура на водата. Од август годинава температурата во делот на реката во Баварија седум дена била над 25 Целзиусови степени. Тоа има влијание на количеството на кислород во водата, а постои ризик тој да падне под шест милиграми на литар. Тоа ниско ниво е смртоносно за некои видови риба, како пастрмката. Баварската влада планира да забрани вадење песок од коритото на Дунав, но и на другите работи што би предизвикале дополнителна еколошка катастрофа. Комуналните претпријатија го изменија и режимот на пречистителните станици на отпадни води, за да оневозможат дополнително загадување на речната вода што им е потребна на рибите.
Со проблеми со експлоатација на реката Дунав се соочуваат и во Бугарија, Романија и Србија. Најкритичните точки се во областа по должината на романско-бугарската граница.
Освен карго-транспортот по реката, последиците од сушата се одразуваат и на речниот туризам по Дунав. Со падот на нивото на водата, туристите наместо од Германија, се принудени да патуваат до Букурешт за да се приклучат на летните туристички патувања.

Подготвил: Митко Јовановски