Американски претседател Доналд Трамп ја обвини Европската унија (ЕУ) дека се однесува неправедно кон САД „со нејзините казни за американските технолошки компании, со суфицитот во меѓусебната трговска размена и со својот висок корпоративен данок“.
– Од гледна точка на Америка, ЕУ се однесува кон нас многу, многу неправедно, многу лошо. Тие не ги земаат нашите земјоделски производи и не ги земаат нашите автомобили, но сепак ни испраќаат автомобили со милиони – рече Трамп во онлајн обраќањето на Светскиот економски форум во Давос.
Според статистичките податоци на ЕУ, блокот во 2023 година остварил трговски суфицит во размената на стоки со САД од 156,6 милијарди евра, но и дефицит од 104 милијарди евра во размената на услуги.
Во врска со неговите предизборни најави за воведување на „универзален данок“ од 10 до 20 отсто за сиот увоз во САД, Трамп порача дека оние што „не произведуваат во Америка, многу едноставно ќе треба да платат данок“ за своите производи.
Сепак, според Скот Бесент, кого Трамп го номинира за нов американски секретар за финансии, ова не е закана, туку став од „пошироката преговарачка стратегија насочена кон зајакнување на американската индустрија“.
Трамп ги осуди и истрагите што ги води Европската комисија против технолошките гиганти, како „Епл“, „Гугл“, „Мета“ и „Икс“ за усогласеност со Законот за дигитални услуги на ЕУ, посочувајќи дека тоа се американски компании и Унијата „не треба да го прави тоа“.