Европската унија денеска ја повика Русија на разговори за зајакнување на безбедноста во Европа во рамките на ОБСЕ и апелираше за смирување на ситуацијата со Украина, во писмо упатено до рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Писмото, во кое имале увид некои светски агенции, денеска го одобриле 27 земји-членки на ЕУ и му го предале на рускиот амбасадор во Брисел, наведуваат европски извори.

Повикот е одговор „во наше колективно име“ на критиките што Лавров ги упати кон некои од неговите европски колеги кога побара од нив да дадат свое толкување на концептот „неделивост на безбедноста“, изјави шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.

За Москва, тој концепт значи дека безбедноста на секоја земја е поврзана со безбедноста на другите, и затоа проширувањето на НАТО во Украина и Грузија ја загрозува безбедноста на Русија. Во писмото од Европејците не се споменува тоа барање.

Рускиот министер побара одговорот да се даде на национално ниво, а не во име на блокот. Европските претставници постојано се жалеа дека Русија одбила да работи со Европската унија и се обидува да ги подели нејзините членки.

– Ја повикуваме Русија да започне со деескалација и да го запре своето воено зајакнување во Украина и нејзината околина, како и во Белорусија – се вели во писмото.

– Остануваме сериозно загрижени за моменталната ситуација и сме цврсто убедени дека тензиите и несогласувањата треба да се решаваат со дијалог и дипломатија – велат тие.

Одговорот на ЕУ е напишан во договор со САД и НАТО, а слично писмо испрати и Алијансата, велат европски извори.

– Со нашите партнери во НАТО, Европската унија е подготвена да го продолжи дијалогот со Русија за тоа како да ја зајакне безбедноста на сите – се вели во писмото.

– Сметаме дека ОБСЕ е соодветна инстанца да одговори на загриженоста на сите засегнати страни по прашањето за безбедноста, комплементарно со другите постоечки инстанци, како што е Советот НАТО-Русија – се вели во писмото.

Разговори веќе се одржаа во рамките на Советот НАТО-Русија и ОБСЕ, но не дадоа резултати.