Фото: Твитер/Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вечерва изјави дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го поддржал влезот на Шведска во Алијансата. Столтенберг ја објави оваа вест на Твитер, по средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и шведскиот премиер Улф Кристерсон.

– Претседателот Ердоган се согласи да го проследи протоколот за пристапување на Шведска до Големото национално собрание што е можно поскоро и да обезбеди ратификација. Ова е историски чекор што ги прави сите сојузници на НАТО посилни и побезбедни, напиша Столтенберг.

Како што пренесе шведскиот јавен сервис СВТ, Столтеберг на прес-конференција изјавил дека турскиот претседател Ердоган јасно ставил до знаење дека Турција е подготвена да го ратификува членството на Шведска.

Како што јави СВТ, генералниот секретар на НАТО додал дека Шведска го променила Уставот и ги зајакнала мерките против тероризмот.