Извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен ги отфрли обвинувањата на првиот човек на „Мета“, Марк Цукерберг дека ЕУ се обидува да ги цензурира социјалните мрежи, оценувајќи ги ваквите тврдења како лажни.
– Знаеме дека тоа не е вистина. Во Европа слободата на говорот е една од нашите фундаментални вредности и таа, исто така, се почитува и е заштитена со нашиот Закон за дигитални услуги (ДСА). Значи, многу е погрешно да се каже нешто такво, изјави Виркунен за „Политико“.
Изјавата на Виркунен претставува реакција на изјавата на Цукерберг кој обвини дека со ДСА се воведува цензура во ЕУ.
– Европа има се поголем број закони што ја институционализираат цензурата и го отежнуваат создавањето на нешто иновативно – порача Цукерберг.
Тој воедно во саботата ја повика идната американска Администрација предводена од Доналд Трамп да ја заштити американската технолошка индустрија од мерките на дигиталната регулаторна рамка на ЕУ.
Изјавите на Цукерберг уследија по реакциите на неговата минатонеделна најава за ажурирања на политиките за умереност на неговата компанија „Мета“, во чија сопственост, меѓу другите се и Фејсбук и Инстаграм. Тој дополнително најави и прекин на програмата на „Мета“ за проверка на факти од трета независна страна на територијата на САД, по што слична одлука се очекува и за во ЕУ.
Еврокомисијата засега најави дека ги разгледува проценките за влијанието на најавените ажурирања на политиките за умереност поднесени од „Мета“ во однос на Фејсбук и Инстаграм и дека ќе се фокусира на „промените во дефинициите за говорот на омраза и за однесување поттикнато од омраза“ на овие две социјални мрежи.
Цукерберг стана вториот раководител во американскиот ИТ сектор, кој упати обвинувања кон ЕУ поради нејзиното инсистирање за усогласување на онлајн платформите со ДСА, откако претходно Законот беше критикуван и од сопственикот на Икс, Илон Маск. Дополнително, Маск упати критики на сметка на неколкумина европски лидери и отворено ја поддржа екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД) за претстојните германски парламентарни избори.
Поради ова, Маск беше обвинет за „мешање“ во европската политика, а иницирано е и одржување дебата во Европскиот парламент за „лажните вести и говорот на омраза на социјалните мрежи“ во врска со неговите објави со политичка содржина на Икс.
Виркунен во друга изјава порача и дека тимот задолжен за мониторинг на почитувањето на ДСА би можел да започне понатамошни истраги за кршење на правилата на ЕУ за „умереност на содржината“, поврзани со „неодамнешните активности“ на американските технолошки магнати, како Цукерберг и Маск.
На обвинувањата на првите луѓе на американските технолошки гиганти реагираа и министрите за дигитална технологија на Германија и Франција, Фолкер Висинг и Клара Шапаз, кои изјавија дека нивните земји „сериозно“ го сфаќаат проблемот и изразија доверба во Европската комисија дека таа „темелно ќе ги истражи“ ваквите тврдења и дека ќе ги „процени“ одредбите од ДСА кои се однесуваат на „умереност на содржините“ објавени на социјалните мрежи.
Законот за дигитални услуги на ЕУ забранува ширење на лажни вести, дезинформации и говор на омраза или нејзино поттикнување преку содржините што се објавуваат на онлајн платформите, пред се на социјалните мрежи како Икс, Инстаграм, Фејсбук и ТикТок.