Десетици илјади луѓе протестираа синоќа во Тел Авив и други израелски градови за постигнување договор за ослободување на околу 100 заложници кои се држани од палестинската милитантна група Хамас во Појасот Газа, пренесе ДПА.
– Не смееме да жртвуваме повеќе животи – изјави роднина на заложничката Кармел Гат, која беше пронајдена мртва минатата недела во Газа. Израелското Министерство за здравство објави дека шест лица биле убиени од блиско растојание минатата недела, а нивните тела биле пронајдени во тунел.
– Шесттемината ќе беа овде со нас денеска доколку израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху речеше „да“ за договорот – изјави роднина на Гет.
Според Израел, Хамас сè уште држи 101 лице како заложници во Газа, иако не е познато колку од нив се живи.
Индиректните преговори за нивно ослободување, со посредство на САД, Египет и Катар, се во застој со месеци. Преговарачите бараат договор кој ќе стави крај на војната во Газа и ќе вклучи повлекување на израелската војска од Појасот и ослободување на илјадници палестински затвореници од израелските затвори.
Критичарите го обвинуваат Нетанјаху дека го попречува договорот со прекумерни барања, како што е постојаното распоредување на израелски трупи на стратешките точки во Појасот Газа.
Нетанјаху ја предводи коалицијата која вклучува и екстремно десничарски партии кои се противат на какви било отстапки за Хамас и се заканија дека во спротивно ќе го напуштат кабинетот, што ќе доведе до колапс на владата.