Во американската јавност расте уверувањето дека е време Бајден да објави дека нема да се кандидира за втор претседателски мандат на САД. Анкета што беше спроведена по објавата за негово повторно кандидирање покажува дека 70 проценти од испитаниците сметаат дека Бајден не треба да се кандидира за втор мандат. Таков став застапуваат и 51 процент од приврзаниците на неговата Демократска партија
Подготовки за претседателските избори во САД
Американскиот претседател Џо Бајден ја најави својата кандидатура за претседателските избори во 2024 година. Бајден има 80 години и со тоа веќе е најстариот претседател на функцијата во историјата на САД. Доколку биде избран по вторпат, на крајот од својот четиригодишен претседателски мандат би имал 86 години. Тоа е причина што многумина американски избирачи критички гледаат на повторната кандидатура на претседателот. Анкетата што беше спроведена по објавата за негово повторно кандидирање покажува дека 70 проценти од испитаниците сметаат дека Бајден не треба да се кандидира за втор мандат. Таков став застапуваат и 51 процент од приврзаниците на неговата Демократска партија. Секој втор од избирачите што се изјаснил против повторна претседателска кандидатура на Бајден, како најважна причина ја наведува токму неговата поодмината старост.
„Волстрит журнал“: Се зголемува паниката кај демократите доколку Бајден не отстапи од намерата да влезe во финалната претседателска трка
Влијателниот американски весник „Волстрит журнал“, во својата анализа за предизборната атмосфера во САД, пишува дека се зголемува паниката кај демократите доколку Бајден не отстапи од намерата да влеза во финалната претседателска трка со противкандидатот на републиканците Доналд Трамп. Демократската партија и нејзините медиумски пријатели „се загрижени поради лошата позиција на претседателот Бајден на анкетите“.
„Последната паника доаѓа откако серијата анкети покажаа дека само 42 отсто од Американците ја одобруваат работата на Бајден како претседател“, пишува ВСЖ.
Белата куќа со сите сили ја рекламира својата „бајденомика“, но гласачите не му веруваат на актуелниот американски претседател. Но некои медиуми дури мислат дека е време Бајден да објави дека нема повторно да се кандидира. На овој начин, тој може да ја напушти функцијата како демократски херој што ја „спаси“ земјата од вториот мандат на Трамп, да ги овековечи неговите достигнувања и прогресивни ставови и да ѝ дозволи на партијата да номинира некој од помладата генерација“, се заклучува во анализата на весникот.
Но и покрај скриеното незадоволство во Демократската партија, ниту еден влијателен демократ не сакал да го каже тоа јавно, а камоли да ја оспори кандидатурата на Бајден на внатрепартиските избори. Демократите се водат од верувањето дека Трамп ќе биде републиканскиот кандидат, а дека најлесен начин да го победат е преку Бајден, кој веќе еднаш успеал.
Но политичките аналитичари во САД сметаат дека кандидирањето на Бајден е коцкање, поради „очигледни политички слабости на Бајден“. Во овој правец треба да се гледа и создавањето на предизборната атмосфера во земјата со поставувањето на прашањето за ефикасноста на „судскиот лов“ почнат против поранешниот претседател Доналд Трамп. Тоа не само што не ги дава очекуваните резултати туку води и до нови поделби во општеството, како и до раст на популарноста на Трамп. Така, тој сега води со недостижни над 40 отсто пред второпласираниот кандидат за номинација на републиканците, Рон де Сантис, кој има само 13 отсто поддршка од нивниот електорат.
Возраста не е единствената слабост на Бајден
Медиумите во САД се на страната на Бајден. Но неговата возраст и очигледната немоќ не се главната причина граѓаните во последната анкета со мнозинство од 73 отсто да изјават дека тој е премногу стар за повторно да се кандидира. Тоа не е единствената негова слабост. Потпретседателката Камала Харис, која беше избрана на оваа функција од Бајден, само за да го задоволи внатрепартиското барање за политичка коректност му задава контраудари со нејзините гафови во интервјуата. Бајден се соочува и со скандал во семејниот бизнис, што го води неговиот син Хантар Бајден. Републиканците веќе открија доволно детали за да потврдат дека синот на претседателот навистина го користел името Бајден како „заштитен знак“ за збогатување на семејството. Како слаба страна му се припишува и неуспехот во економијата. И покрај намалување на инфлацијата, реалните приходи не покажуваат знаци на закрепнување во однос на растот на цените во последните две и пол години. При евентуален раст на невработеноста на шест отсто, демократите ќе претрпат голема политичка штета. Влошувањето на миграцискиот хаос и неуспехот на администрацијата на Бајден да го спречи и запре протокот на мигранти на границата со Мексико ќе направат дополнителна штета на демократскиот кандидат на претстојните претседателски избори. Мајкл Блумберг, поранешниот градоначалник на Њујорк и жесток поддржувач на Бајден, веќе ги предупреди демократите дека „партијата ќе настрада во 2024 година ако не направат нешто.“
Подготвил: Mарјан Велевски