Новиот британски крал Чарлс Трети официјално беше прогласен за суверен во Шкотска, Велс и Северна Ирска.
Претходно Чарлс Трети беше прогласен за крал и на Австралија и на Нов Зеланд на церемонии кои се одржаа во главните градови на тие земји.
Во Нов Зеланд во парламентот во Велингтон се одржа прогласувањето на Чарлс Трети за монарх, заменувајќи ја кралицата Елизабета, која почина во четвртокот на 96-годишна возраст.
Зборувајќи од скалите на парламентот, премиерката Џакинда Ардерн рече пред насобраниот народ дека со смртта на кралицата, Нов Зеланд влезе во време на промени.
-Кралот Чарлс Трети постојано ја покажува својата длабока грижа за нашата нација. Нашите луѓе длабоко го ценат овој однос и не се сомневам дека тој ќе се продлабочи – рече Ардерн.
Во Австралија, во зградата на парламентот во Канбера, генералниот гувернер Дејвид Харли, кој е претставник на британската монархија во таа земја, го прогласи Чарлс Трети за шеф на државата.
Прогласот беше одбележан со истрели од 21 топ.
Британскиот монарх е шеф на државата во Австралија, како и во Нов Зеланд, иако неговата улога е главно церемонијална.
Сличен проглас беше објавен вчера во Лондон на раскошна церемонија согласно долгогодишната традиција.
Во Белфаст на читањето на прогласот му претходеа ѕвонење на камбаните и свирење со рог. Читањето на прогласот беше проследено со поздрав со 21 истрел и воен оркестар кој ја свиреше химната „Боже чувај го кралот“.
Во Велс, третиот баталјон на кралскиот велшки полк беше придружуван на церемонијата на крунисување од коза, која е „талисман“ на баталјонот.