Фото: Принтскрин / Јутуб

Германскиот парламент Бундестаг денеска со мнозинство гласови на владејачката социјалдемократско-зелено-либерална коалиција го отфрли барањето на опозициските демохристијани за испорака на крстосувачки ракети „Таурус“ во Украина.

Опозициската Христијанско-демократска унија ЦДУ/ЦСУ поднесе барање во Бундестагот со барање за „пресврт во германската надворешна и безбедносна политика“, што ќе овозможи испорака на ракетниот систем „Таурус“ во Украина – пренесе „Хина“.

Претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и претставничката група на Унијата ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот, Фридрих Мерц, ги повика претставниците на партиите на владејачката коалиција на социјалдемократите, зелените и либералите (ФДП) да гласаат според нивната совест и го одобрат подарувањето на ракетните системи.

– Украина сè уште не ги доби во целост ресурси што ѝ се потребни за успешно да се одбрани од руската агресивна војна – рече Мерц.

Советот за безбедност на Германија, во кој германскиот канцелар Олаф Шолц го има одлучувачкиот збор, ја отфрла испораката на германскиот ракетен систем воздух-земја за Украина.

Набљудувачите сметаат дека Шолц ја отфрла испораката на ова оружје имајќи предвид дека овие ракети со дострел од 500 километри би можеле да се користат против цели длабоко на територијата на Русија и да служат за можна ескалација на конфликтот.