Tројца загинаа при вчерашното пукање во трговскиот центар во Копенхаген, соопшти данската полиција. Убиени се двајца млади, чија возраст не е прецизно наведена, како и маж во своите четириесетти години. Има повеќе повредени, од кои тројца се во критична состојба.
Осомничениот, 22-годишен Данец, кој при апсењето не пружеше отпор, на полицијата ѝ е познат, но, „само површно“, појасни главниот инспектор на полицијата во Копенхаген, Сорен Томасен. Неговите мотиви за нападот сè уште не се целосно јасни.
Поранешниот дански политичар и спортист Јоаким Олсен, во изјава за „Си-ен-ен“ вели дека одел кон трговскиот центар, кога видел големи групи на луѓе како излегуваат надвор.
– Тоа изгледаше, жал ми е да кажам, како нешто што би виделе во оружен напад во училиштата во САД, кога луѓето излегуваа со рацете над главите. Луѓето истрчуваа надвор, барајќи ги пријателите и семејствата кои беа внатре. Луѓето ги изнесуваа старите лица на раце – вели Олсен, додавајќи оти зборувал со болничар кој му кажал „оти биле во крв до лактите“.
Сведоци тврдат дека осомничениот се обидел да ги намами жртвите да му се приближат, велејќи им оти неговото оружје не е вистинско.
– Беше доволно психопат за да лови луѓе, но не трчаше – сведочеше очевидец за телевизијата ДР.
Во трговскиот центар имаше голем број луѓе, бидејќи во близина требаше да се одржи концерт на британската ѕвезда Хари Стајлс, што подоцна беше откажан.
– Јас и мојот персонал се молиме за сите настрадани во трговскиот центар во Копенхаген. Згрозен сум – напиша Стајлс на Снепчет.
Данската премиерка Мете Фредериксен го осуди „суровиот напад“ во трговскиот центар, каде биле „возрасни, млади и деца“.