Фото: Пиксабеј

Советникот на шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Михаил Подолјак, синоќа го претстави списокот со барања за продолжување на преговорите со Русија, откако портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков претходно изјави дека за да се постигне мир, Киев ќе мора да ги прифати руските барања, вклучително и признавањето на Крим како руска територија и отстапувањето на регионите Донецк и Луганск.

Подолјак на својот твитер-профил изјави дека украинските услови се итен прекин на огнот, повлекување на руските војници од Украина, враќање на киднапираните граѓани, екстрадиција на воени злосторници, механизам за репарации и признавање на суверените права на Украина.

– Руската страна добро ги знае нашите услови. Шефот на Песков не треба да се грижи: ќе дојде време кога ќе ги поправиме на хартија – нагласи тој.


Трас денеска ќе го објави планот за обнова на Украина

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас денеска ќе го објави сеопфатниот долгорочен план за помош во обновување на Украина, кога ќе заврши тамошната војна, најавуваат медиумите.

Трас на конференција за обновување на Украина во Швајцарија, ќе ги претстави британските проекти за краткорочна поддршка на земјата со испраќање хуманитарна помош, но и долгорочна, со цел да закрепне украинската економија преку британското знаење на финансиско и на економско поле, информираше нејзиното Министерство.

Во 2023 година, Велика Британија планира да организира конференција за обнова на Украина и да отвори канцеларија во Лондон за да ја координира оваа работа.

– Закрепнувањето на Украина по руската агресија, ќе биде знак на моќта што демократијата ја има над автократијата. Со тоа ќе му се покаже на Путин дека неговите обиди за уништување на Украина, само доведоа до посилна, поразвиена и пообединета земја – нагласи Трас пред конференцијата во Лугано.

Во средата, британската Влада објави за издвојување на 1,16 милијарди евра дополнителна воена помош за Украина, со цел земјата да одговори на руската инвазија. Помошта вклучува системи за противвоздушна одбрана и беспилотни летала. Со ова издвојување, вредноста на британската воена помош за Киев се зголеми на 2,3 милијарди фунти.