Во берлинската населба Мариенфелде од синоќа е во тек голема полициска операција за спасување на жена која била земена како заложник во супермаркет, пренесе ДПА.
Според германската полиција, инцидентот започнал околу 22 часот по локално време, кога маж ја зел жената како заложник. Засега не се познати идентитетот на напаѓачот, неговиот мотив, ниту дали поставил какви било барања.
Портпаролот на берлинската полиција, Штефан Петерсен-Шуман, изјави дека напаѓачот и жената сè уште се наоѓаат во супермаркетот, а специјалните полициски единици се распоредени на терен.
– Во моментот двајцата се во супермаркетот. Операцијата е во тек и во оваа фаза не можам да соопштам повеќе информации – изјави Петерсен-Шуман за Германската новинска агенција (ДПА).
Полицијата соопшти дека за жителите во околината во моментов нема непосредна опасност, додека преговорите со напаѓачот продолжуваат.


































