Фото: Маја Јаневска-Илиева

„Јуроп рајт нау“ во својата анализа на темата „Проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан“ постави исклучително интересни прашања, при што во заклучоците испрати и сериозни предупредувања. На пример, едно од интересните прашања е колку долго би биле подготвени да чекате за да бидете примени во Унијата и се наведува Македонија како пример, која чека речиси дваесет години за влез во Европската Унија?!

Истражување на „Балкански барометар“

Сознанието што подолго време провејува во јавноста, дека секоја година сѐ помалку луѓе во земјите кандидати од Западен Балкан веруваат дека влезот во Европската Унија би бил од корист за нивната земја, добива официјална потврда и во релевантни анкети и истражувања. Последен таков пример е истражувањето „Балкански барометар“ нарачано од Советот за регионална соработка. Според тоа истражување, поддршката за членство во ЕУ во регионот сега изнесува 59 проценти, што е за 3 отсто помалку отколку во 2021 година. Со оглед на динамиката на пристапните процедури, тоа со текот на времето може да ја чини ЕУ потенцијални нови членки, наведува порталот „Јуроп рајт нау“ во својата анализа на оваа тема.

Во регионот на Западен Балкан растат негативните чувства кај земјите што чекаат во лобито на ЕУ!

Порталот ја анализираше политичката ситуација во земјите од Западен Балкан што сакаат да влезат во Европската Унија, поставувајќи притоа интересни прашања, но испраќајќи наедно и сериозни предупредувања.
Колку долго би биле подготвени да чекате за да бидете примени во клубот – прашува аналитичарот на тој портал и наведува дека некои земји, како што е Македонија на пример, чекаат речиси дваесет години за влез во Европската Унија.
Последен пат една земја од регионот стана членка на ЕУ пред десет години, кога Хрватска стана членка во 2013 година.
„Пристапувањето во ЕУ треба да биде јасна процедура што ги поставува истите стандарди за сите страни што сакаат да му се приклучат на блокот. Земете ја како пример Македонија: тие дури и го сменија името на својата земја за да напредуваат во процесот на станување членка на ЕУ, но сè уште чекаат датум за почеток на пристапните преговори.
На тој пат Србија е запрена со решавањето на косовското прашање како услов. Според резултатите од истражувањето на ’Евробарометар‘, од пролетта 2023 година, само 31 отсто од граѓаните на Србија велат дека членството во ЕУ би било добро; 36 отсто сметаат дека тоа не би било ниту добро ниту лошо, додека 32 отсто мислат дека би било лошо, 61 отсто немаат доверба во ЕУ како институција, наспроти 32 отсто, кои ѝ веруваат. На прашањето колку се приврзани за ЕУ, 23 отсто чувствуваат поврзаност, додека 76 отсто одговориле дека не чувствуваат поврзаност.
Во регионот на Западен Балкан растат негативните чувства кај земјите што чекаат во лобито на ЕУ веќе некое време – некои со децении – што е засилено со фаворизирањето на Украина пред долгорочните кандидати“.
Затоа, пишува „Јуроп рајт нау“, можно е и земјите кандидатки да се откажат од можното партнерство со Брисел – а Пекинг, Москва и Анкара секако со задоволство ќе ја искористат таа можност – заклучува порталот „Јуроп рајт нау“.