Фото: влада

Граѓаните на Србија, Македонија и на Албанија, кои сакаат да се вработат во некоја од членките на Отворен Балкан или веќе нашле работодавач, треба да имаат матичен број за кој ќе можат електронски да се регистрираат во неколку чекори. Ова значи дека треба да пополнат формулар на платформата (eУправа) и да приложат валиден биометриски документ. Врз основа на доставените податоци, надлежните органи преку платформата еУправа генерираат единствен идентификациски број на Отворен Балкан (ИДОБ). Потоа заинтересираната страна може да пристапи до порталот еУправа на одредена земја и да поднесе барање за слободен пристап до пазарот на трудот. По проверката, одредената земја ја донесува конечната одлука. По добивањето на одобрението, заинтересираното лице може да се вработи под исти услови како локален граѓанин на државата, до две години, а по истекот на овој период може да се продолжи престојот т.е. рокот на работната дозвола

Повод: Единствен пазар на трудот на Отворен Балкан, што носи тој во праксата?

Од 1 март започна заедничкиот пазар на трудот меѓу Македонија, Албанија и Србија, всушност имплементацијата на протоколот за поврзување на шемата за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан и протоколот за имплементација на договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан. Ова значи дека работниците слободно ќе се движат низ трите земји, односно ќе бараат работа и ќе се вработуваат без вообичаената процедура за странски работници. Единствениот пазар на трудот е официјално воспоставен и тоа би требало да придонесе за понатамошен економски напредок и поголеми инвестиции во нашиот регион, како и за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните на земјите потписнички.

Граѓаните од Србија, Македонија и од Албанија имаат можност да влезат на територијата на која било земја со валиден личен документ за слободно движење и можност за вработување во сите три земји без издавање работни дозволи

Според сознанијата до кои наидовме од наши економски експерти, ова се многу важни протоколи во рамките на иницијативата Отворен Балкан и благодарение на нивната имплементација, граѓаните од овие три земји ќе имаат можност да влезат на територијата на која било земја со валиден личен документ за слободно движење и можност за вработување во сите три земји без издавање работни дозволи. Експертите велат дека електронските услуги за пријавување работници на единствениот пазар на трудот ќе станат достапни за граѓаните во текот на следната недела, како и дека ќе се поврзат порталите еУправа на трите земји.
Аналитичарите посочуваат дека воспоставувањето заеднички пазар на трудот ќе биде од корист и за граѓаните и за економијата на регионот како целина, бидејќи проширувањето на пазарот на трудот отвора поголеми деловни можности и за поединците и за компаниите.
Според нив, со укинување на вишокот документи и процедури, граѓаните на трите земји потписнички ќе можат полесно да најдат подобро вработување и да работат, што ќе придонесе за поголема циркулација и поврзување на луѓето во регионот.
Истовремено, деловните субјекти што работат во земјите потписнички полесно ќе дојдат до дефицитарните кадри. За сите земји многу е важно да се привлече нова работна сила од регионот, конкретно за сите земји и ќе придонесе за решавање на проблемот со недостигот од работна сила, истакнаа експертите.
Наедно, единствениот пазар на трудот ќе придонесе за натамошен раст на градежната индустрија, туризмот и угостителството и секторот на информатичко-комуникациските технологии.

Нови можности за младите да живеат и да работат во регионот, да останат
тука и да работат на понатамошен напредок на нашите економии

– Целта на иницијативата Отворен Балкан е од самиот почеток да се продлабочи заедничкиот регионален пазар преку имплементација на различни мерки што ќе донесат, пред сѐ, брзи, конкретни и јасни резултати, кои ќе бидат видливи за граѓаните и компаниите, и за развој на нашите економии. Исто така, многу е важно преку имплементацијата на иницијативата Отворен Балкан да создадеме нови можности за младите да живеат и да работат во регионот, да останат тука и да работат на понатамошен напредок на нашите економии – истакна Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци.
Претставниците од трите земји велат дека предностите од слободното движење на работниците во регионот, без никакви административни бариери, се повеќекратни, почнувајќи од можноста за вршење сезонски работни места, преку намалувањето на дефицитарните занимања и зајакнувањето на довербата на инвеститорите до растот на клучните сектори во економијата.
Слободниот пристап до пазарот на трудот од околу 11 милиони жители се очекува да го спречи понатамошниот одлив на мозоци и на младите од регионот преку нудење можности за вработување, но и да одговори на зголемените барања за квалитетен кадар, како на локални така и на меѓународни компании што работат во регионот.
Граѓаните на Србија, Македонија и на Албанија, кои сакаат да се вработат во некоја од членките на Отворен Балкан или веќе нашле работодавач, треба да имаат матичен број за кој ќе можат електронски да се регистрираат во неколку чекори. Ова значи дека треба да пополнат формулар на платформата (eУправа) и да приложат валиден биометриски документ. Врз основа на доставените податоци, надлежните органи преку платформата еУправа генерираат единствен идентификациски број на Отворен Балкан (ИДОБ).
Потоа заинтересираната страна може да пристапи до порталот еУправа на одредена земја и да поднесе барање за слободен пристап до пазарот на трудот. По проверката, одредената земја ја донесува конечната одлука. По добивањето на одобрението, заинтересираното лице може да се вработи под исти услови како локален граѓанин на државата, до две години, а по истекот на овој период може да се продолжи престојот т.е. рокот на работната дозвола.

Без административни пречки да се отвораат бизниси

Српскиот економист Саша Ѓоговиќ смета дека единствениот пазар на трудот, секако, позитивно ќе се одрази, бидејќи на тој начин ќе се освестат компаниите дека лесно можат да добијат работна сила од најблиските земји, од регионот, доколку самата земја нема доволно специфичен профил на работната сила.
– Тоа веќе нема да биде пречка за префрлање или за отворање бизнис во која било земја. Тоа е еден од елементите во мозаикот во кој се поставува прашањето дали ќе отворат или нема да отворат бизнис на нашиот пазар. Тој елемент тогаш не би бил веќе ограничувачки фактор – изјави Ѓоговиќ.
Тој додава дека во Србија ќе има зголемена побарувачка на работна сила поради најавените проекти, меѓу кои се и проектите поврзани со ЕКСПО 2027, како во областа на градежната индустрија така и кога станува збор за возачите.
– Веројатно дополнително ќе се вработат некои други капацитети на преработувачката индустрија, не само индустријата за градежни материјали, туку и производителите на мебел, санитарна опрема и текстил. Ќе има и други сегменти во преработувачката индустрија, кои дополнително ќе можат да ги вработат своите капацитети, преку изработка на самиот проект – посочува Гоговиќ.
Според Ангел Димитров, слободното движење на стока, капитал и луѓе е придобивка на демократијата, затоа оваа спогодба може да се третира како позитивна.
– Дали некоја од земјиве ќе „профитира“, а друга ќе изгуби е помалку важно. Јас сметам дека сите три земји се на приближно ист степен на развој, можеби со малку поразлична структура на економијата. Ова значи дека во одредени дејности може да има прилив од другите земји, а во други дејности одлив на работници. Но тоа никако не треба да се смета како проблем – објаснува Димитров.
Како што вели тој, денес во светот постои на глобално ниво големо движење на работната сила. Во земјите од Западен Балкан постои и одлив и прилив на работници и тоа ќе потрае уште некое време.
– Различната структура на економијата и разликите во стандардот предизвикуваат големо движење на работната сила и не треба да се оптоваруваме со расата, бојата на кожата или верата – посочува Димитров.
Претседателот на Бизнис-конфедерација на Македонија, Миле Бошков, генерално, ја поздравува иницијативата Отворен Балкан и укажува дека сега е клучен период да бидеме организирани, со што би придонеле за поголем економски раст, а со тоа и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
– Уште поголема придобивка е работници од земјите од регионот да работат кај нас или наши кај нив доколку паметно ги направиме договорите за почитување и признавање на социјалните права – укажува Бошков.


Од денеска во Србија, Македонија и во Албанија ќе се применува системот за препознавање работни дозволи

Вицепремиерот и министер за финансии на Србија, Синиша Мали, на бизнис-форумот на Копаоник најави дека од денеска, 5 март, ќе почне имплементацијата на системот за препознавање на заедничките работни дозволи меѓу Србија, Македонија и Албанија.
– Ова многу ќе придонесе за развојот на пазарот на трудот и флуктуацијата на кадрите – изјави Мали.
Тој кажа дека тоа ќе значи дека имате ситуација некој што има работна дозвола, на пример во Албанија, да може да работи во Србија и обратно.
За да можат граѓаните на Србија, Албанија и Македонија да се вработат во некоја од земјите на Отворен Балкан или оние што веќе нашле работодавец, треба да имаат ИД-број на Отворен Балкан што ќе го креираат електронски.