Дали и кој регрутира српски доброволци или платеници за војната во Украина? Од друга страна, дали и кој регрутира хрватски доброволци, платеници и војници да се најдат на линијата на фронтот во украинската војна? На која страна на фронтот се српските доброволци и платеници, а на која страна се хрватските? Колку Срби и Хрвати војуваат во украинската војна и кој е нивниот мотив за војување?
Српски и хрватски доброволци, платеници и војници во руско-украинскиот воен судир
Хрватска, членка и на ЕУ и на НАТО, ја поддржува политиката на ЕУ кон Русија. Иако со последните жестоки изјави во јавноста на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ се доведоа во прашање некои официјални политики на Хрватска кон ЕУ, НАТО и Украина, сепак хрватската влада здушно ги поддржаа Украина и западните сојузници по прашањето за руско-украинскиот судир.
Хрватската влада ги предупредува своите граѓани да не одат во војна
Хрватските власти постојано нагласуваат дека приклучувањето кон војната во Украина е исклучително ризичен потфат и дека граѓаните го прават тоа на сопствен ризик.
Ова објаснува зошто преговорите за ослободување на Вјекослав Пребег, хрватски државјанин што се бореше за Украина, кој беше заробен од Русите во близината на Мариупол и суден од руски суд, беа толку дискретни. Во септември тој можеше да се врати во Хрватска како дел од договорот за размена на затвореници.
Деновиве повторно се појавија низа фото и видеосведоштва на поединци и групи Хрвати, кои по своја волја и надвор од хрватските институции на системот и безбедносниот НАТО-чадор заминаа на украинското боиште.
За издвојување е фактот дека повеќето Хрвати што се борат во Украина се на страната на Украинците.
На пример, некои хрватски телевизии во свои видеозаписи од боиштето сведочат со интервјуа и емисии за неколку десетици луѓе што или им се приклучија на украинските вооружени сили или беа на пат кон Украина за да го сторат тоа. Неофицијалните процени велат дека бројот на хрватски државјани што се борат во Украина е меѓу 70 и 80. Според руските медиуми, повеќето борци што од минатиот февруари пристигнале во Украина од Хрватска му се приклучиле на Азовскиот полк. Министерството за одбрана во Москва наведува бројка од околу 200. Денис Селер, поранешниот лидер на навивачката група на фудбалскиот клуб Динамо Загреб, кој постојано се борел во Украина од 2014 година, смета дека оваа бројка е превисока.
Москва го опиша десничарскиот екстремист како „организатор на хрватските платеници“ во Украина. Во изјава за хрватскиот дневен весник „Вечерњи лист“, самиот Селер ја опиша својата мотивација за борбите во Украина: „Во Украина се води битка за белата европска раса, нејзината култура и историја“.
Меѓутоа, исто така, за издвојување е дека некои хрватски граѓани се вклучија во војната на руска страна. На јавноста ѝ е познат идентитетот само на еден од нив: Мирела Јакупанец работи како медицинско лице кај Русите.
Српски доброволци и платеници на руско-украинскиот фронт на страната на Русија: Службата во странски армии е нелегална за Србите
Колку може да им се верува на видеата што кружат на социјалните мрежи што „потврдуваат присуство на српски борци во руските единици во Украина“? Зборувајќи на српски, повеќето од војниците раскажуваат за обуката што ја добиле и за причините за вклучување во војната. Српските власти досега официјално не ги искоментираа овие видеа, за кои критичарите велат дека не се земаат предвид за традиционално силниот проруски став во Србија. Хроничарите забележале дека српски граѓани се активно вклучени во конфликтот во Украина од анексијата на Крим во 2014 година, иако на Србите со закон им е забрането да служат во странски армии.
Според Министерството за одбрана и безбедносните сили во Белград, информациите за Србите што се борат во Украина се внимателно регистрирани и архивирани. Но до денес бројот на српски доброволци што се регистрирани од властите никогаш не е официјално објавен.
Украинската амбасада во Србија во 2019 година процени дека околу 300 луѓе од Србија се бореле во војната што во тоа време веќе беснееше во источна Украина – и дека сите биле на руска страна. Српските безбедносни сили соопштија дека над 30 лица се осудени за учество во војната во Украина. Српскиот претседател Александар Вучиќ јавно го осуди сега избришаниот оглас за регрутирање на „Вагнер“ на веб-страниците на српскиот сервис на руската државна медиумска компанија „Раша тудеј“.
За издвојување е дека и српски антивоени активисти поднесоа обвиненија против неколку државни службеници, обвинувајќи ги дека не спречиле регрутирање доброволци за војната во Украина. Тие, исто така, ги вкрстија вербално копјата во јавноста со своето противење на разни десничарски организации во Србија, кои ги обвинуваат за зајакнување на имиџот на групата „Вагнер“ во јавноста, што, според нив, е обид да се мобилизираат српските граѓани за војна во странство.