Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е подготвен, доколку опозицијата бара неговиот легитимитет да се провери на референдум, да се излезе на референдум, пренесува МИА.
На новинарско прашање како го коментира тоа што дел од опозицијата бара повторно да им се обрати за Косово на седницата на српското Собрание, Вучиќ рече „некои бараат да ми се провери легитимноста, нека се договорат, подготвен сум на се“.
„Сакаат референдум, без разлика дали имам поддршка или немам – да излеземе на референдум. Сакаат во Собранието? Нема проблем. Само немојте повторно да произведете насилство, а јас сум секогаш подготвен за се друго, само да најдеме термин кога сето ова е можно“, изјави Вучиќ.
Неколку опозициски партии побараа граѓаните да се изјаснат на референдум за европскиот договор за Косово. Опозицијата бара за Косово да се расправа и на посебна собраниска седница.
На прашањето како ќе реагира на новиот извештај на Европскиот парламент (ЕП) за напредокот на Србија, Вучиќ рече дека не го видел текстот, но дека е „разбирливо“ во тој документ да има „многу критички пораки“.
„Повеќето од нив ќе бидат затоа што не воведовме санкции кон Русија, од тоа произлегуваат многу други работи. Важно ми е што ќе ги пофалат изборите на северот на Косово со излезност од еден отсто и да ни објаснат дека тоа се највисоките европски вредности. Внимателно ќе го прочитаме сето тоа, но најмногу ме интересира како луѓето во Србија го гледаат нашиот напредок. Србија мора да ја плати цената за својата независност и суверената политика што ја води“, рече Вучиќ.