Србија

Српската премиерка Ана Брнабиќ на седницата на Владата ги информира соработниците и министрите дека вонредните парламентарни избори ќе се одржат на 17 декември, откако и српскиот претседател Александар Вучиќ во средата го спомена тој датум. Минатата недела проевропската опозиција во српскиот парламент го потпиша т.н. Договор за победа, чија цел е соработка на сите опозициски партии и движења во обезбедувањето слободни, фер и рамноправни избори на кои ќе ѝ се спротивстават на актуелната власт, предводена од Српската напредна партија (СНС).
Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, веќе поднесе оставка од таа функција, но тој ќе продолжи да го води Белград до „изборите и последниот тест на довербата на белграѓани“.
– Поднесов формална оставка од функцијата градоначалник на Град Белград, за да почнам да создавам законски услови за одржување на изборите, каде што покрај парламентарните и локалните избори би се одржале на 17 декември – изјави Шапиќ.
Претседателите на општините низ Србија, од владејачката Српска напредна партија (СНС), од четвртокот поднесоа оставки на своите функции.
Претходно, дел од опозицијата писмено побара од шефот на државата да распише вонредни парламентарни и белградски избори до крајот на годинава, а Вучиќ тогаш им одговори дека изборите „не се фонтана на желби“ и дека може да се одржат напролет следната година.
Српската опозиција е фрагментирана на мали партии и коалиции, без јасно водечка партија, моментално е поделена на два табора во политичкиот спектар. Еден се нарекува проевропски и собира партии од центарот, левиот центар, граѓански движења, здруженија и иницијативи, од кои сите се организатори на протестот „Србија против насилството“.
Од друга страна, десничарската опозиција тврди дека е „суверенистичка“ или „патриотска“.