Воените злосторства никаде не застаруваат

Порака од БиХ дека воените злосторства никогаш не застаруваат

Во регионот вчера се посвети големо јавно внимание на случајот со завчерашното апсење на лица обвинети за воени злосторства во 1992 година, од причина што со ова уште еднаш се потврдуваат (универзално прифатените) позитивноправни прописи дека воените злосторства не застаруваат. Колку време и да мине, колку тие мрачни ликови и да се наоѓаат под некаква привидна заштита на одредени политички или бизнис-структури, сепак, злосторниците кога-тогаш ќе се соочат со законот, сеедно дали тие биле извршени во БиХ, Србија, Косово, Македонија или на кое било друго место во светот.
Имено, како што јавуваат медиумите, припадниците на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) уапсија шест лица осомничени за злосторства извршени во селото Јошаница во Фоча во 1992 година, кога беа убиени 56 лица од српска националност. Како што соопшти Обвинителството на БиХ, во областа на Сараево и на Горажде се уапсени шест лица што се под истрага за военото злосторство извршено во селото Јошаница кај Фоча во декември 1992 година, кога 56 жртви од српска националност, главно цивили, беа убиени, а меѓу нив имало и жени и деца.
При нападот биле запалени и уништени куќи и имот, а жртвите биле пронајдени и идентификувани по злосторството.
Балканската истражувачка мрежа на Босна и Херцеговина (БИРН БиХ) претходно објави прилог „ТВ правда“ и анализа на необработеното злосторство што се случи на Никољан на 19 декември 1992 година, кога беа убиени повеќе од 50 лица од српска националност, меѓу кои и три деца – две и полгодишната Данка, десетгодишната Драгана и седумгодишниот Дражен.
Душанка Вишњиќ-Лаловиќ имала 17 години кога го преживеала нападот во селото Јошаница и кога биле убиени нејзиниот татко и тетка.
– Ги молам судот и обвинителството да го извадат случајот од фиока и да го направат тоа хумано, ако не поради друга причина, тогаш поради трите деца. Тие не се виновни за ништо. Малата Данка, што знаеше две и полгодишно дете, не ни го знаеше името – изјави претходно Вишњиќ-Лаловиќ за БИРН БиХ.
Кога ја информирале за апсењето за злосторства во Јошаница, таа во телефонски разговор рекла дека очекува правда за убиството на 56 лица.

– Спомените не бледнеат, иако поминаа 30 години. Се сеќавам, сликите сѐ уште ми се пред очи. Очекувам земна правда за сторителот на убиството на децата на кои им беше скратено детството, на две и полгодишната Данка, Дражен и Драгана, за убиството на двете цели семејства на Вишњиќ Стојка и Вишњиќ Вукадин, за 12 брачни двојки, за 21 жена. Повторувам, ако Јошаница не е злосторство, тогаш злосторства не постојат воопшто – рече Вишњиќ-Лаловиќ.
Според досега достапните информации, во злосторството тогаш се убиени дедото Вукадин Вишњиќ (64), неговата сопруга Зорка (64), нивните два сина Драгољуб (39) и Милан (33), сопругата на Драгољуб Олга (31) и нивните две деца Драгана (10) и Дражен (7).
Загинаа сите членови на домаќинството на Стојка Вишњиќ (68), која почина заедно со нејзината снаа Гоја (44), внуките Зора (22) и Ранка (24), внукот Влатко Вишњиќ (20) и правнуката Данка Тановиќ (2), ќерка на Зора.
Убиени се и девет члена од семејството Кулиќ, по пет од семејствата Грујичиќ и Благојевиќ, потоа четворица од семејството Давидовиќ, по тројца од Јегдиќ, Плеваљчиќ и Стојановиќ, двајца од Миќевиќ и Ивановиќ и по еден член од семејствата Шкипина, Стевановиќ, Јагодиќ и Тановиќ.
Лекарот во пензија Славко Ѓорѓевиќ, чија сестра Јела Вишњиќ (50) и зетот Миладин Вишњиќ (52) беа убиени, ги прими телата во мртовечницата на болницата во Фоча, фотографирајќи ја секоја жртва поединечно.
– Направено е несфатливо злосторство. Сите биле убиени со колење, убивање со тврди предмети, ножеви, секири. Ниту се бранеле, ниту имаа оружје да се бранат – сведочеше Ѓорѓевиќ.
Тој потсети дека неговата сестра била прободена со нож во стомакот и на крајот била убиена со убодна рана во вратот.

– Со нож го исекоа деверот, од стапалото до глутелите направија неколку исеченици на мускулите, а му ги скршија челото, рацете и стапалата за да не може да побегне. Го скршиле черепот со некои предмети и ги пресекле лицето и носот, ги отсекле ушите – сведочеше Ѓорѓевиќ.
Акцијата за апсење на осомничените била спроведена по наредба на обвинителот од Специјалното одделение за воени злосторства. Осомничените се обвинети дека биле команданти и членови на Вишеградската бригада, т.н. Армија на РБиХ, учествувала во нападот на селото и извршила злосторство врз српското население. За случајот беше спроведена опсежна истрага од страна на обвинителството со повеќе партнерски полициски агенции и институции, како и прибирање голем број докази за стореното кривично дело и сторителите.
По кривичната постапка, осомничените од СИПА ќе бидат изведени кај соодветниот обвинител. Кој треба да ги испраша и да донесе одлука за натамошниот тек на постапката.