Фото: Принтскрин/Јутуб

Членови и поддржувачи на листата „Србија против насилството“ вечерва го разбија влезот на Градското собрание на Белград. Полицијата фрли солзавец кон демонстрантите на седмиот протест со барање поништување на изборите во Србија, јавува РСЕ.

Претставниците на опозицијата, како што наведува медиумот, се обиделе да влезат во Собранието на Белград, за да им се обратат на граѓаните од балконот. Тие ја турнале заклучената врата, а припадниците на полицијата ги спречиле да влезат во градското собрание. Дел од демонстрантите ги искршија вратите на влезот, а полицијата одговори со солзавец.

На главниот влез во белградското Собрание, еден од полицајците на насобраните им порача дека „насилно влегување не е возможно и дека тоа е кривично дело“.

Толпата извикува „Победа, победа“, „Нема да дадеме победа“.

Потпретседателот на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ, ја повика полицијата, внатре во зградата, да го напушти Собранието и да „застане на страната на народот“.

Опозицијата тврди дека владејачката Српска напредна партија ги украла изборите, што власта го негира.

Студентите кои протестираа побараа од претседателот на Србија Александар Вучиќ до денеска да ги исполни нивните барања и порачаа дека во спротивно во понеделник ќе го блокираат цел Белград.

Пратеникот од Зелено-левичарскиот фронт Радомир Лазовиќ вечерва ги повика полицајците да се оддалечат од влезот на градското собрание во Белград и да дозволат советниците да им се обратат на насобраните граѓани, за да се смири ситуацијата.

– Никој не сака насилство, ние се бориме против насилството, овие луѓе вршат насилство, а не граѓаните врз кои се користи сила – изјави тој пред новинарите пред Градското собрание.

Тој порача дека граѓаните се бесни, но дека секој треба да се потруди да не дојде до крвопролевање.

– Ние ги браниме институциите и овие луѓе се насилници – рече Лазовиќ, покажувајќи кон градското Собрание.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ги повика граѓаните да не се грижат.

– Ниту една револуција не е во тек, ништо нема да успее. И ќе се обидеме да не повредиме никого со нежна и смирена реакција – рече Вучиќ.

Тој нагласи дека на улиците се собрале околу 2.490 луѓе.

– Во овој момент заедно со оние кои сакаат да влезат во Градското собрание има вкупно околу 1.900 луѓе. Некои вечерва го покажаа своето лице и дека насилството им е единствениот начин да се борат. Со денови кажуваме дека се подготвуваат за ова, бидејќи знаат дека не можат да ја добијат довербата на народот – посочи Вучиќ.

Тој додава дека биле предупредени и странските набљудувачи кои се правеле наивни.