Фото: Макфакс

Косовската партија Самоопределување на косовскиот премиер, Албин Курти, најави дека ќе биде дел од албанската опозиција на изборите во Македонија, објави „Макфакс“

Денес на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, Европскиот сојуз за промена ја отвори заедничката канцеларија на коалицијата во присуство на претседателите на трите партии Алтернатива, Движење Беса и Демократско Движење, каде што им се приклучи Движењето Самоопределување од Косово, со нејзиниот претставник Беким Ќоку, кој му е советник на Курти.

– Ме радува фактот дека на овој убав сончев ден, во нашиот опозициски фронт се приклучи и Движењето Самоопределување, и дека после промената во Косово и во Прешевска долина, заедно ќе ја носиме долгоочекуваната промене и кај Албанците во Северна Македонија – истакна Изет Меџити.

Билал Касами пред присутните изјави: „нашата Влада ќе биде поинаку, како што сме денес во оваа канцеларија во доста фреквентно место, меѓу вас, вака заедно со вас ќе го правиме и владеењето, одејќи кај граѓаните за да сме поблиску до нив и да ги решиме нивните грижи и потреби“.

Африм Гаши додаде „добродојдовте на отварањето на оваа канцеларија во срцето на Чаршијата, секоја темна ноќ има и зора, секоја студена зима ја очекува пролетта, и тука кај нас на 8 Мај и дефинитивно ќе доаѓа албанската пролет и сите заедно во оваа канцеларија ќе ја прославиме големата победа“

Беким Ќоку, советник на косовскиот премиер Албин Курти, кажа „движењето Самоопределување станува четвртиот столб на овој опозициски фронт, за да ја донесе долгоочекуваната промена во Северна Македонија. Тука денес се обраќам и како поранешен член на Алијансата за Албанците, знаејќи го духот и менталитетот на оваа партија, ги повикувам да бидат дел од оваа победничка коалиција за заеднички да ја направиме големата промена.“

Оваа канцеларија ќе биде отворена за сите граѓани и ќе служи како центар за организација на активности на Европскиот сојуз за промена, беше најавено на настанот.