Босна и Херцеговина

Подготвил: Марјан Велевски

Медиумите во Босна и Херцеговина деновиве посебно внимание му посветуваат на еден несекојдневен феномен, кој не е специфичен само за нив туку за целиот Балкански Регион. Имено, станува збор за масовното заминување на работници во други земји, главно во Западна Европа, но и САД, Канада и Австралија. Меѓутоа, она што е карактеристично само за БиХ е податокот дека како последица од масовното заминување, сѐ почесто се зборува за увоз на работна сила, најмногу од Азија. Некои синдикални претставници сметаат дека по градежните работници, кои се веќе пристигнати и ангажирани, наскоро од Истокот ќе пристигнат и козметичари, фризери, чистачи и други сервисери.
– Услужниот сектор во Босна и Херцеговина наскоро ќе биде принуден да вработува работници од Пакистан, Филипини и којзнае каде на друго место, бидејќи нашите најдобри работници одат во Западна Европа – вели Мерсиха Ферхатовиќ Бешировиќ за „Српскаинфо“.

Ваквите информации ги поттикнаа размислувањата дека граѓаните наскоро би можеле да имаат домаќинки од Филипините. Според медиумите, ваквите размислувања се базираат на фактот дека Филипинките со години се познати како врвни домашни помошнички, кои работат во домовите на дипломати и богаташи во метрополите низ светот.

Како што објаснуваат соговорниците на „Српскаинфо“, поранешни жители на Бања Лука што сега живеат во странство, домашните помошнички од Филипините во Италија или во Германија заработуваат околу 15 евра на час, додека нивната заработка на Блискиот Исток, на пример во Каиро, е нешто поскромна и изнесува од осум до 10 американски долари. Заработката зависи и од тоа дали е самоук или обучен помошник, бидејќи со години во Манила работи Академијата за домаќини, каде што младите Филипинци се подготвуваат за работа во странство. На Филипините исто така се активни и академии за возачи, градинари и келнери.

Сите тие се познати во светот како добри работници, но домашните помошници станаа најпознатиот извозен бренд на Филипините. Сепак, како што заклучува медиумот, со оглед на ситуацијата во БиХ, тешко е да се поверува дека ќе бараат работа во нивната земја.
– Нивните услуги се врвни, но прашање е кој во Босна и Херцеговина би бил подготвен да плати за тоа. Претпоставувам дека саатницата на Филипинката во Сараево или во Бања Лука би била најмалку 10 евра, бидејќи Босна и Херцеговина сѐ уште е во Европа – раскажува бањалучанка што додека живеела во Рим и во Каиро имала домашни помошници од оваа азиска земја и била презадоволна од нив.

Сепак, медиумот заклучува дека граѓаните на БиХ, најверојатно, ќе останат само на желбата да имаат домаќинки од Филипини, иако од оваа земја ќе дојдат работници од други струки. Една од причините што во регионот воопшто нема домашни помошници од Филипините е тоа што услугите на домашните „тетки“ се доста квалитетни и многу поевтини. Во мини-анкетата спроведена од тимот на „Српскаинфо“ во неколку града во Босна и Херцеговина, домашните помошнички и чистачки, кои повремено работат низ куќата, заработуваат од шест до 12 марки (од три до шест евра) на час. Најчесто оваа работа ја вршат невработени жени на зрела возраст или помлади пензионери. Има и случаи кога одредени семејства со години имаат ист асистент, кој со нив работи со полно работно време за плата што вообичаено изнесува од 600 до 900 марки (300 до 450 евра).

Навидум приказната како од бајките за филипинските слугинки од врвна класа и добро платени има и темна страна. Младите Филипинки, кои излегуваат во светот сами и незаштитени, за да ги издржуваат своите семејства дома работејќи во туѓи домови, честопати се жртви на експлоатација и злоупотреба.

Повеќето Филипинки се вработени во странство затоа што немаат друг начин да преживеат, бидејќи нивната земја, и покрај растечката економија, со децении се бори со високата стапка на невработеност.