Фото: Принтскрин

Турската полиција уапси осомничено лице за поставување на бомбата што експлодира на прометната пешачка улица во Истанбул, изјави утринава турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу.

Тој рече дека првите наоди од истрагата укажуваат дека за смртоносниот напад се одговорни курдските екстремисти.

Во вчерашната експлозија на авенијата Истиклал, популарна туристичка дестинација со продавници и ресторани во близина на познатиот плоштад Таксим во Истанбул, загинаа шест лица, а повеќе десетици беа повредени.

– Набргу по детонацијата, полицијата уапси едно лице за кое се верува дека ја поставило експлозивната направа – потврди министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу, пренесе агенцијата Анадолија.

Иако не го откри идентитетот на осомниченото лице, Сојлу рече дека во врска со експлозијата се приведени уште 21 лице и потврди дека првите наоди од истрагата упатуваат на ПКК и нејзиниот огранок во Сирија ПИД.