Фото: Илустрација/Принтскрин

Жена која околу 40 минути седела на клупа во близина на местото на експлозијата во Истанбул е под истрага, соопшти турскиот министер за правда, Бекир Боздаг, во изјава за провладината телевизија „А Хабер“ . Експлозијата се случила само неколку минути по нејзиното заминување. Боздаг рече дека нејзиниот идентитет сѐ уште не е познат, ниту пак е јасно која група би можела да стои зад нападот.

На снимка од надзорна камера, која го забележа моментот на експлозијата, се гледа торба покрај клупа на прометната улица „Истиклал“ во центарот на Истанбул.

Менаџерот на ресторан во близина на местото каде што експлодирала бомбата рече дека ја слушнал експлозијата и видел луѓе како трчаат. Десетици посетители на неговиот ресторан, меѓу кои и жени и деца, во паника почнале да врескаат, пишува АП.

Менаџерот, кој сакаше да остане анонимен поради чувствителноста на ситуацијата, рече дека ги затворил ролетните на ресторанот, плашејќи се од нова експлозија и се обидел да ги смири гостите. По околу 15 до 25 минути, тој ја видел полицијата и договорил гостите и вработените во мали групи да ја напуштат зградата.

Потпретседателот на Турција Фуат Октај изјави дека властите ја сметаат експлозијата во Истанбул, во која загинаа најмалку шест лица, за терористички напад, пренесува државната новинска агенција Анадолија.

– Сметаме дека тоа е тероризам бидејќи напаѓачот, за кој веруваме дека е женско лице, ја активирал бомбата – рече Октај.

Најмалку шест лица загинаа, а 81 лице се повредени во силната експлозија што се случи денеска во познатата туристичка авенија Истиклал во Истанбул.