Вчерашната анализа на реномираниот „Фајненшл тајмс“ децидно ја констатира грешката на ЕУ, во врска со спорот на релацијата Бугарија – Македонија, потенцирајќи дека потегот на ЕУ да застане целосно на страната на Софија е апсолутно – погрешен. Авторот на анализата во „Фајненшл тајмс“ дури и го замолува читателот при „анализа за тоа зошто одлуката на ЕУ беше погрешна (за Македонија во спорот со Бугарија)“ претходно да го прочита „извонредниот есеј од Едвард Џозеф од Факултетот за напредни меѓународни студии на Универзитетот ’Џон Хопкинс‘“.
Имено, во споменатиот есеј, Едвард Џозеф одржано аргументира дека „одлуката (на ЕУ) не само што ѝ дава на Бугарија де факто право на вето на преговорите за влез на С. Македонија во ЕУ туку и поставува ужасен преседан за поголемиот процес на проширување!“
Зошто „Фајненшл тајмс“ смета дека тензиите помеѓу Бугарија и Македонија ќе се продлабочат
Од месец на месец, европското соседство станува сѐ поопасно и неволјите се во нагорна линија, констатира на почетокот на својата анализа реномираниот „Фајненшл тајмс“. Во продолжение на вчера објавениот материјал, авторот на анализата се фокусира на, како што пишува, „балканскиот проблем што добива премалку внимание“, односно на тензиите меѓу Бугарија, членка на ЕУ, и Македонија, која се надева дека ќе му се приклучи на ЕУ-клубот.
Авторот во еден тензичен текст анализира во насока дека тензиите меѓу Софија и Скопје – „ќе се влошат“, констатирајќи дека „тоа е лошо за амбицијата на ЕУ да го прошири своето членство во Источна и во Југоисточна Европа“.
Всушност, што точно пишува во анализата на „Фајненшл тајмс“? Во продолжение ви проследуваме делови од објавениот обемен текст.
„Фајненшл тајмс“: Конкретни актуелни пречки за проширувањето на ЕУ
Прво, да погледнеме некои инциденти оваа недела што илустрираат колку тешко ќе биде да се постигне напредок во проширувањето на ЕУ.
Во Босна и Херцеговина, членовите на општинскиот совет на Сребреница, етничките Срби, гласаа за преименување на 25 улици во градот, во чест на сопствената заедница и српските историски личности, а истовремено игнорирајќи го масакрот на босанските Срби во 1995 година на илјадници бошњачки (босански муслимани) мажи и момчиња.
Минатиот месец ги наведов причините зошто членството во ЕУ за Босна и Херцеговина сè уште е далеку, и покрај најдобрите намери на Брисел. Гласањето во Сребреница е сосема спротивно на она што е потребно за да се придвижи кандидатурата на Босна.
Во јужнокавкаската држава Грузија, на која ЕУ ѝ додели кандидатски статус минатата година, Владата продолжи со закон за „странски агенти“, кој наликува на мерка донесена во Русија за задушување на политичкото несогласување. Оваа иницијатива покажува дека грузиската влада, далеку од тоа што не се стреми да ги исполни критериумите за прием во ЕУ за демократија и владеење на правото, во пракса ги исмева.
Конечно, парламентарното собрание на Советот на Европа, паневропско тело посветено на заштита на човековите права, гласаше за прием на Косово, поранешна српска покраина што прогласи независност во 2008 година, чекор кон поширокото меѓународно признавање на Косово на што се противат Србија и другите држави, особено Русија.
Без оглед на заслугите на тоа гласање, тоа предизвика лута реакција од Србија, правејќи го помирувањето меѓу двете земји – услов за членство во ЕУ за двете – уште пооддалечена перспектива. Се разбира, постојат и други основи за сомневање за соодветноста на Србија за влез во ЕУ, барем под нејзиното сегашно раководство.
Случајот со С. Македонија се издвојува поради кратковидата одлука донесена од ЕУ во јули 2022 година, кога, конечно, даде зелено светло за започнување преговори за членство (земјата првично беше кандидатка во 2005 година).
„Фајненшл тајмс“: ЕУ прави лош балкански преседан!
Во суштина, ЕУ рече дека С. Македонија не може да се приклучи доколку не исполни ригорозни барања од Бугарија, нејзиниот сосед, поврзани со јазикот, националниот идентитет и историјата – прашања за кои двете земји имаат долги и комплицирани односи.
За анализа за тоа зошто одлуката на ЕУ беше погрешна, ве молиме прочитајте го овој извонреден есеј од Едвард Џозеф за Факултетот за напредни меѓународни студии на Универзитетот „Џон Хопкинс“.
Како што објаснува Џозеф, одлуката не само што ѝ дава на Бугарија де факто право на вето на преговорите за влез на Северна Македонија во ЕУ туку и поставува ужасен преседан за поголемиот процес на проширување.
Секоја земја што се надева да ѝ се приклучи на ЕУ, всушност може да биде блокирана од постојна земја членка со поплаки што се засноваат на еднострано читање на историјата и националниот идентитет.
ЕУ треба да биде чесен посредник во таквите спорови, но во овој случај ЕУ застана целосно зад Бугарија!
– Еден чекор што се бара од С. Македонија е да го измени својот устав за да ги спомене Бугарите како еден од „конститутивните народи“ на земјата. Ова е доста големо прашање, со оглед на тоа што Бугарија не го признава македонскиот јазик (сметајќи го како дијалект на бугарскиот), а не го признава ниту постоењето на македонското малцинство во Бугарија – се вели во анализата.
Сепак, Владата на С. Македонија подлегна на притисокот да ја направи промената бидејќи сака да ѝ се приклучи на ЕУ. Амандманот не помина бидејќи на Владата ѝ недостигаше доволно бројно парламентарно мнозинство.
Сега работите, по претстојните избори, ќе тргнат на полошо, констатира во својата анализа „Фајненшл тајмс“, при што напоменува дека во меѓувреме, Бугарија треба да одржи парламентарни избори на 9 јуни – шесто вакво гласање во последните три години.
– Можеби нема директен победник, но фаворит во анкетите е конзервативната партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов. Сигурно е дека секоја влада предводена од Борисов ќе заземе тврд став за потребата од промена на Уставот на С. Македонија.
Накратко, Бугарија и С. Македонија наскоро може уште повеќе да се расправаат за едно од суштинските прашања што треба да се реши за да се унапреди проширувањето на ЕУ – се вели во анализата. Х.И.