НАТО е подготвен да распореди уште војници во Косово за да го задуши насилството на етнички поларизираниот север, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг, додавајќи дека првото засилување од 700 војници е на пат натаму.
– НАТО ќе остане буден. Ќе бидеме таму за да обезбедиме безбедна и заштитена средина, но и да ги смириме и намалиме тензиите – изјави Столтенберг на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Осло.
Немирите во северно Косово се интензивираа откако албанските градоначалници ја презедоа функцијата во областа со мнозинско српско население по изборите во април кои беа бојкотирани од Србите.
НАТО одлучи да ја засили својата мисија од 4.000 војници во регионот со 700 дополнителни војници, откако во понеделникот беа повредени 30 членови на КФОР и 52 српски демонстранти.
Столтенберг го нарече насилството врз војниците на НАТО „целосно неприфатливо“ и рече дека сојузниците подготвуваат повеќе војници во случај НАТО да има потреба да испрати дополнително засилување во регионот.
– Нашата порака и до Белград и до Приштина е дека тие мора да се приклучат, со добра волја, на дијалогот со посредство на ЕУ – додаде тој.