По ваквата срамна изјава на ЕУ, само уште една во низа, Србија веќе нема никаква потреба да учествува на самити за Западен Балкан. ЕУ или ќе ги почитува вредностите што ги пропагира или Србија веќе нема да има потреба да учествува во оваа фарса, порача српската премиерката Ана Брнабиќ во соопштението на Владата.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, српската премиерка вечерва реагираше на изјавата на портпаролот на Европската Унија, Питер Стано, за именувањето на Ненад Рашиќ за министер во Владата на Косово.
-Оваа реакција е срам за ЕУ. Чекавме да видиме што ќе рече Унијата за именувањето на Рашиќ и дочекавме уште една срамна изјава. Именувањето на Рашиќ не само што е против Бриселскиот договор, туку е против гласот на народот искажан на изборите, што е најважниот глас – посочи Брнабиќ.
„Повторно прашувам – по 10 години Приштина не го спроведе Бриселскиот договор на кој ЕУ е гарант, откако годинава на Србите на Косово и Метохија им беше ускратено правото на глас, во два наврати, на што ЕУ реагираше со една реченица во Извештајот за напредокот, а после тоа со назначувањето на Рашиќ, Приштина продолжува да ја занемарува јасно изразената волја на српскиот народ на Косово и Метохија, и затоа ја прашувам ЕУ – каде се тие европски вредности, каде е демократијата, каде исчезна владеењето на правото?
-Србија за првпат нема да присуствува на Самитот на ЕУ – Западен Балкан, кој ќе се одржи на 6 декември во Тирана – порача на крај од соопштенеито српската премиерка.
Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, реагирајќи на именувањето на Ненад Рашиќ за министер за заедници во Приштина изјави дека е од витално значење Приштина да ги почитува сите неопходни чекори при назначувањето министри кои ја претставуваат немнозинската заедница, пренесе РТС.
Тој во име на ЕУ ги повика двете страни да работат во согласност со обврзувачките договори за дијалог.
-Ги повикуваме двете страни итно да работат на враќање на косовските Срби во сите косовски институции, во согласност со обврзувачките договори за дијалог, а сите заинтересирани страни да се воздржат од каква било акција што би довело до зголемување на тензиите во и онака кревката безбедносна состојба – нагласи Стано.