Србија
Републичката изборна комисија (РИК) го одложи објавувањето на конечните резултати од парламентарните и претседателските избори во Србија поради повтореното гласање на 55 избирачки места, кои ќе се одржат в сабота, на 16 април. Од коалицијата „Обединети за победа на Србија“ велат дека граѓаните на Белград гласале за промени и бараат гласањето да се повтори на сите избори во главниот град, а потпретседателот на СНС, Милош Вучевиќ, изјави дека ќе побара од претседателот Александар Вучиќ наесен да оди на нови парламентарни избори, бидејќи граѓаните истите тие ги сфатиле „лесно“, јави дописникот на МИА од Белград.
По објавување на резултатите од парламентарните избори од страна на РИК, според кои владејачката Српска напредна партија (СНС) освои 120 мандати, што е најслаб резултат откако е на власт и за првпат по повеќе години нема да може сама да состави влада, потпретседателот на СНС, Милош Вучевиќ, изјави дека „ќе побара од претседателот Александар Вучиќ да оди наесен на нови парламентарни избори, бидејќи граѓаните се фокусирале на претседателските избори и лесно ги сфатиле парламентарните избори, поради што ги раздвоиле гласовите“.
По состанокот на опозициските партии што учествуваа на градските избори во Белград, лидерот на Партијата за слобода и правда (ССП), Драган Ѓилас, изјави дека „Обединети за победа на Белград“ ќе поднесе приговори на 258 избирачки места и дека е подготвен да разговара за повторени избори со Александар Вучиќ.
По изборите, единствено е сигурна победата на Александар Вучиќ за претседател на Србија, а одговор на постизборниот заплет за белградските и парламентарни избори даде Мариника Тепиќ, прва на листата „Обединети за победа на Србија“, која кажа дека ваква политичка криза не е забележана откако СНС е на власт.
Или одиме на повторување на изборите или одиме на протести ако не реагира Градската и Републичката изборна комисија – изјави Тепиќ.