Група американски сенатори од Демократската и републиканска партија го претставиле нацрт-законот чија цел е поддршка на економскиот развој, трговијата и борбата против корупцијата на Западен Балкан. Нацрт-законот, познат како Закон за демократија и просперитет на Западен Балкан, беше претставен од демократската сенаторка Џејн Шанен, претседателка на Поткомитетот за Европа и регионална безбедносна соработка.
– Новиот двопартиски закон ги јакне трговијата и инвестициите меѓу САД и Западен Балкан, додека се противи на корупцијата, преку усвојување посебен закон за санкции против дестабилизирачките актери. Сето тоа го отвора патот кон евроатлантските интеграции – изјави Шанен при претставувањето на иницијативата.
Нацрт-законот предвидува давање техничка помош за секоја земја од Западен Балкан за изработка на национална стратегија за борба против корупцијата. Исто така, предвидува и две извршни наредби, кои овозможуваат воведување санкции против оние што ги загрозуваат мирот и стабилноста на Западен Балкан и кои се вмешани во корупциски дела.
Законот има цел и промовирање на универзитетското партнерство и поттикнување иницијативи за лидерство меѓу младите на Балканот.