Во Вишиот суд во Белград почна судењето на сопружниците Владимир и Миљана К., родители на малолетникот К.К. што на 3 мај минатата година изврши масовно убиство кога усмрти девет деца и чувар во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, пренесуваат српските медиуми.
Според неофицијални информации, мајката и таткото на К.К., сопственикот на стрелачкиот клуб каде што момчето научило да пука и инструктор во тој клуб ја негирале вината, како што дознава „Танјуг“, а пренесе белградска „Политика“.
Судењето на самиот почеток било прекинато, а потоа затворено за јавноста. Судскиот процес се одвива зад затворени врати со цел да се заштитат правата и интересите на сите малолетни жртви во таа постапка. Адвокатката која го застапува семејството на момчето-убиец, Ирина Боровиќ, по рочиштето, изјави дека смета оти одлуката на судот за затворање на процесот за јавноста била избрзана и оти се надева дека судијата ќе ја преиспита таа одлука.
Во обвинението на Вишото јавно обвинителство во Белград беше предложено судот да го осуди Владимир К. на затворска казна од 12 години, Миљана К. на затворска казна од две и пол години, додека сопственикот и инструкторот да бидат осудени на три години, кои се обвинети и за давање лажни изјави.
Владимир К. се товари за кривично дело тешки дела против општата безбедност бидејќи го обучувал својот 13-годишен син да ракува со огнено оружје, го однел на стрелиште, што не е соодветно на возраста на момчето и поради тоа што не го чувал безбедно оружјето како што е предвидено со закон. Вишото јавно обвинителство ја товари мајката на момчето за кривично дело недозволено држење и носење оружје и распрскувачки материи.
Потврдено обвинението против убиецот од Младеновац и неговиот татко
Вишиот суд во Смедерево го потврди обвинението против Урош Блажиќ, осомничен за убиство на девет лица во селата Дубона и Мало Орашје, како и против неговиот татко Радиша Блажиќ.
Вишиот суд во Смедерево се прогласи за ненадлежен во однос на обвинетите Горан Г. и Борис Г. од Вињиште, односно вујко и брат на обвинетите за масакрот, со оглед дека над нив е надлежен Вишиот суд во Крагуевац, па тие ќе ги достави списите на предметот врз основа на правосилноста на обвинителниот акт.
Одбраната има право на жалба на оваа судска одлука до Апелациониот суд во Белград.
Вишото јавно обвинителство Смедерево обвинението го поднесе на 18 октомври минатата година.
Со обвинението, освен Урош Блажиќ, обвинителството ги обвини и неговиот татко Радиша Блажиќ, вујко Горан Г. и вујко Борис Г.
Урош Блажиќ беше обвинет за тешко убиство во врска со кривични дела, недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и експлозивни материи, киднапирање и неовластено користење на туѓо возило.
Неговиот татко Радиша е обвинет за кривично дело недозволено изработување, држење, носење и пуштање во промет на оружје и распрскувачки материи во врска со кривичното дело тешко кривично дело против општата безбедност.